Линкови за пристапност

Водици во Охрид


Водици во Охрид
Водици во Охрид

Десеттина илјади верници се собраа околу градското пристаниште во Охрид каде ја проследија најголемата црковно-народна манифестација, Богојавление Водици.

Дваесет и едногодишниот Јован Делов беше најсреќниот меѓу неколку стотините капачи кои влегоа во осветените води на Охридското Езеро по светиот крст.

Младиот Варошанец веќе седум години се обидува прв да доплива до крстот кој го фрла владиката Тимотеј. Вели, водата беше студена, борбата жестока, но желбата да се фати светиот крст преголема. Посака многу здравје и среќа за сите.

„Пресреќен сум што го фатив крстот. Скокам по седми пат и оваа година ми се исполни мојата животна желба да го фатам светиот крст. Како и секоја година водата беше многу ладна, борбата жестока но имав среќа и го фатив светиот крст. Ова е голема чест за мене и за моето семејство како православни христијани оваа година крстот да остане во мојот дом“, рече по фаќањето Делов.

Ведрото и не многу студено време беше причина повеќе за посетителите на оваа најголема манифестација во Охрид да уживаат во чинот на фрлањето на светиот крст во осветените води на Охридското Езеро.

Годинава, настанот во Охрид го проследија бројни новинарски екипи од соседството, а меѓу другото можеше да се слушне и како познатата песна „Во Јордание“ се пее и на албански, токму поради присуството на православните црковни претставници од Поградец, соседна Албанија.

Охриѓани но и бројните гости денеска на градското пристаниште беа сведоци на првото масовно крштевање во осветените води на Охридското Езеро. Околу 30 тина верници од 7 до 70 години беа крстени со традиционалните верски обреди.

XS
SM
MD
LG