Огнот не познава граници, ниту вера, ниту нација, вели Артан Демири, претседател на Доброволното противпожарно друштво „Бајрам Мифтари“ од скопската општина Чаир.
Нивниот состав е разновиден според националности, вери, како и според пол.
„Имаме македонска националност, турска националност, српска националност, Роми има, Босанци. Од сите вери и нации“, вели Демири.
Опстојуваат петнаесетина години и интервенирале или помагале на речиси сите поголеми пожари, поплави, несреќи во државата и во странство.
Бевме во Берово, а годинава гасевме и во Неготино, цела недела, во училиште спиевмеАртан Демири, ДПД „Бајрам Мифтари“ - Чаир
„Претходно бевме во Берово, а годинава во Неготино, цела недела. Во училиште спиевме. Нема пожар во Македонија каде што не одиме“, вели Демири.
При ланскиот земјотрес во Турција, нивна екипа била меѓу првите што се вклучи во тамошните спасувачки акции.
„Станбена зграда од 61 жител. Од нив 60 починати, само една жена преживеана. Ја извлековме жива после 114 часа поминати под урнатините. Тоа ни е најголемата радост“, објаснува Демири.
Доброволните противпожарни друштва се клучна алка во системот за справување со непогоди и катастрофи. Но, нивниот опстанок зависи исклучително од донации.
Бројката на доброволци се намалува
Тоа, како што вели Демири, сè потешко се реализира и бројката на доброволци се намалува.
„Одиш еднаш на пожар, вода не можеш да им обезбедиш. Вторпат одиш, нема. Третпат, нема. Веќе четвртиот пат, доброволецот нема да дојде. Ги нема секој луксузите во џеб, па да може да доаѓа и да не го интересира за другите работи“, укажува Демири.
Ако сака некој од странство да ни донира противпожарно возило, мораме да го цариниме како обични граѓаниАртан Демири, ДПД „Бајрам Мифтари“
Без соодветни возила овие противпожарни друштва не можат да бидат целосно ефикасни. Сопствени средства за набавка немаат, па остануваат само донациите. Но, токму тука се соочуваат со сериозна пречка.
„Ние не смееме да примиме донации. Не сме ослободени“, објаснува Демири.
Камион за гаснење пожари, пожарникарска скала, комбе и едно засега неисправно теренско возило го сочинуваат нивниот возен парк. Сите стигнале како донации, претежно од странство, но низ бројни пречки.
Не смееме да примиме донација возило
„Не смееме да примиме донација возило. Друга донација може. На пример, возило од странство. Да сака Словенија, Хрватска, Србија, Косово, Албанија, која било држава од Балканот или од ЕУ, да ни донира возило, ние тоа ќе треба да го цариниме како обични граѓани. Но, ако оди преку општина, па потоа општината нам да ни го отстапи, тогаш е друга работа. Но, во тој случај, тоа пет години треба да биде на име на општината“, вели Демири.
Општината Чаир им доделила канцеларија и им помага при регистрација на возилата. Дел од опремата како црева, моторни пили, ранци за гаснење, ги добиле преку проект од германската амбасада. Но, и натаму се без гаража.
„Без гаража, не е решение. Се уништува опремата“, вели Демири.
Треба да ја разбудиме свеста кај луѓето, не треба да се пали оган во планинаАртан Демири
Покрај бројните недостатоци со кои се соочуваат, членовите на друштвото редовно излегуваат да се справат со шумските пожари, за кои велат дека се нивна специјалност.
„На какви стрмни терени и места одиме, тоа е да се чудиш само кога ќе го видиш местото. Не, пак, со камион од 17 тона вода и опрема да одиш на брдо“, објаснува Демири.
Но, апелираат, трудот на пожарникарите и доброволците е залуден, ако и натаму нема јавна свест за опасноста од пожарите.
„Треба да ја разбудиме свеста кај луѓето, дека не треба да се фрли догорче, чкорче, не треба да се пали оган во планина. Треба да се пазиме. Гревота е каква шума е изгорена. Уште 30-40 години таа шума нема да биде како што била. Целосно е пеплосана“, укажува Демири.
Официјален регистар на доброволни противпожарни друштва во државата сè уште нема. Дел се опремени солидно, а дел немаат ниту основна опрема. Останува да се види како тие ќе бидат вклопени во најавената реорганизација на справувањето со непогоди и катастрофи.