Неколку жени секоја недела се собираат во Центарот Фултон, сојузната држава Илиноис, потпевнувајќи работат на електрични машини за шиење, и разговараат. Но, бидејќи се со различни ставови за политиката, честопати и ја избегнуваат оваа тема.
Линда Иберсол од градчето Рок Фолс, вели дека се обидела да биде објективна спрема двата претседателски кандидата на минатогодишните избори, но отпрвин не можела да донесе конечна одлука.
„Гласавме за помалото од двете зла“, рече таа.
Иберсол додаде дека Доналд Трамп бил непредвидлив, и затоа имала проблем целосно да му верува, но според неа, Хилари Клинтон на неколку наврати не ја зборувала вистината и покажала непочитување спрема гласачите, особено спрема симпатизерите на Трамп.
Оваа пензионирана медицинска сестра на крајот гласала за Трамп, бидејќи, како што вели, изгледал искрен во намерата да донесе промени. Иберсол изјави дека сега е загрижена дека неговите планови можно е да се блокирани од страна на националните медиуми.
„Секогаш кога има мало навестување дека Трамп можеби направил нешто погрешно, тие од ништо прават нешто“, вели оваа жителка на Фултон.
Таа додаде дека ваквиот неправеден третман, како што го нарече, едноставно ја зголемува нејзината поддршка спрема претседателот.
„Ако човекот на три позитивни работи, направи една негативна, медиумите ќе се фокусираат само на негативното“, рече Иберсол.
Иберсол вели дека е загрижена за младите кои таа ги познава, a кои не обрнуваат многу внимание на вестите. Таа додава дека ја поддржува имиграционата политика на Трамп и неговиот став за привремено ограничување за патувања за лица од одредени земји, со главно муслиманско население.
Според неа, и покрај поделбите за време на изборите, и двете страни од политичкиот спектрум делат заеднички вредности.
„Има бројни заеднички основни вредности по кои се согласувате“, рече таа. „Сметам дека по тоа се карактеризира областа во која живееме, вредностите како семејството, и на многупати вербата. Овие основни работи на одреден начин се поважни од случувањата во политиката“.
(Грег Флакус)
Facebook Forum