СКОПЈЕ – Кривичниот суд во Скопје го одобри обвинителниот акт против Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски за грабнувањето и свирепите убиства на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесети и четиригодишниот Панче Жежовски. Приговорите на одбраната на сега обвинетите биле одбиени како неосновани, а Обвинителниот акт за четворицата е одобрен во целост.
„По разгледување и ценење на актот, како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост. Врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично-правен предмет кој, согласно АКМИС системот, ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена“, стои во официјалното соопштение на Кривичниот суд.
Манев, Видевски и Кешишов, се обвинети за две дела грабнување и убиство додека Александар Ѓорчевски, таткото на Вања е обвинет за грабнување.
Со одобрување на обвинението законот предвидува судот да закаже рочиште во рок од 30 дена.
Против првоосомничениот Љупчо Палевски кој беше екстрадиран од Турција сè уште трае истрагата и засега нема обвинителен акт.
„Во однос на повеќе новинарски прашања за постапката против првоосомничениот за двојното убиство – Љ.П., ја информираме јавноста дека постапката е сè уште во фаза на обвинителска истрага“, соопшти Кривичниот суд.
Сопартијците и блиски соработници на Палевски – Манев, Кешишов и Видевски, по приведувањето и во текот на истрагата прстот го вперија во Палевски како организатор на планот и извршители на свирепите убиства. Тие изјавиле дека Палевски им кажал дека информациите за движењето на четиринаесетгодишната Вања ги добил од нејзиниот татко Александар кој пак од самиот почеток во целост ги негира обвинувањата.
Според обвинителниот акт, Палевски заедно со Манев, Кешишов и Видевски на 22 ноември минатата година го грабнале Жежовски од неговиот дом во Велес за да им го даде автомобилот „цитроен“ потребен за грабнувањето на Вања. Жежовски го однеле кај местото викано Рудник во околината на Велес каде го убиле.
Четири дена подоцна, на 27 ноември обвинетите и Палевски ја киднапираат Вања во влезот од зградата во која живее на улицата Наум Наумовски Борче во центарот на Скопје.
„Со шрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда. Таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот ѝ нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот ’ситроен‘ со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, соопштија од Обвинителството.
По свирепите убиства Палевски побегна од државата и по неколкудневно бегство беше уапсен во Турција и потоа екстрадиран во државата.
Facebook Forum