Линкови за пристапност

Одливот на младите удри и врз безбедноста: Сè помалку спасувачи има на базените, реките, езерата


Нашето поднебје веќе не произведува доволно нови спасители за да се задоволи побарувачката која значително е зголемена, вели Арѓенд Чиљафи, стручен соработник при Црвен крст - Скопје
Нашето поднебје веќе не произведува доволно нови спасители за да се задоволи побарувачката која значително е зголемена, вели Арѓенд Чиљафи, стручен соработник при Црвен крст - Скопје

Дваесет и петти јули е светски ден за превенција од давење. Македонските езера, реки, базени и водни паркови ги чуваат вкупно педесетина лиценцирани спасители ангажирани преку Црвениот крст. Но, младите заминуваат во странство и со тоа бројката на спасители бргу се намалува

Недостатокот од работна сила се одразува и врз безбедноста на капачите во езерата и реките во земјава. Нема доволен број спасители да се ангажираат на сите локации за капење.

„Нашето поднебје веќе не произведува, условно кажано, нови спасители, односно спасители во доволен број за да се задоволи побарувачката која значително е зголемена“, вели Арѓенд Чиљафи, стручен соработник при Црвениот крст во Скопје.

Најголемиот број лиценцирани спасувачи за водни површини доаѓаат преку Црвениот крст на Македонија. Таму постојат два Центра за безбедност на вода. Едниот се наоѓа во Скопје, а вториот е во Охрид.

„Во Охрид имаме 11 капалишта коишто се обезбедени и каде што се ангажирани 17 спасители на вода. Во Струга имаме само две капалишта на коишто имаме тројца спасители. Таа е состојбата. За жал, сега не можам да кажам дека целото охридско-струшко крајбрежје е безбедно“, вели Сашо Точков, претседател на Црвен Крст - Охрид.

Од Центарот за безбедност на вода од Скопје велат дека и покрај недостатокот од работна сила, успеваат да ги распоредат тимовите. Една од локациите каде што има нивни спасители е водниот парк на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Таму сезонава влегле повеќе од 5.000 лица, а за безбедноста се ангажирани 13 спасители и медицинско лице.

„Центарот на безбедност на вода во Скопје моментално оперира со 32 спасители на неколку водни површини. Бројката на спасителите, како и секоја година е во стагнација и да не речам, во благ пад“, посочува Чиљафи.

За жал, сега не можам да кажам дека целото охридско-струшко крајбрежје е безбедно
Сашо Точков, претседател на Црвен Крст - Охрид

Популарна дестинација е и реката Треска кај Матка. Но, служба за спасување на вода таму не е присутна. Иста е ситуацијата и со другите реки низ земјата.

„Не постои служба никаква на реките и на едно од најфрекфентните места во Скопје, а тоа е Матка“, додава Чиљафи.

Базенот на спортскиот центар „Борис Трајковски“ е еден од ретките што работат во текот на целата година. Во просек дневно го посетуваат околу 500 активни пливачи и рекреативци.

На базенот во рамките на СЦ „Борис Трајковски“ се ангажирани четворица спасители
На базенот во рамките на СЦ „Борис Трајковски“ се ангажирани четворица спасители

„Имаме четворица вработени, сертифицирани, спасители, кои во текот на работењето на базенот се присутни. Мислам дека се обучени и доволно спремни за ситуации во кои е потребна прва помош“, вели Филип Даскаловски, управител на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Не постои служба никаква на реките и на едно од најфрекфентните места во Скопје, а тоа е Матка
Арѓенд Чиљафи, Црвен крст - Скопје

За да се стане спасител потребно е да се биде добар пливач, но и да се поминат обуки што ги организираат Центрите од Црвениот крст.

„Прво, за да станете спасител треба да ја сакате оваа професија, а како второ, да имате добри техники на пливање. Генерално спасителите се на возраст од 16 до дваесет и три-четири години. Така што таа е возрасната граница“, укажува стручниот соработник Чиљафи од Црвениот крст од Скопје.

Дамјан има 20 години и веќе три сезони работи како спасител.

„Одев на пливање, а тоа ме поттикна да се надградам. Полагав за спасител и веќе три години сум ангажиран. Едноставно сакам да им помагам на другите. Некако побитно ми е да им помагам на другите, отколку за самиот себе“, вели Дамјан Димовски, лиценциран спасител на вода.

Стручните лица додаваат и дека свеста кај македонските граѓани за опасноста што ја носи водата не е на високо ниво. Само годинава тимовите од Скопскиот центар за безбедност имале интервенции со 13 активни давеници, кои биле на возраст од 5 до 14 години.

Бројката на интервенции и асистенции варира од 700 до 1400. Бројот на активни давеници варира од 30 до 90
Арѓенд Чиљафи, Црвен крст - Скопје

„Бројката на интервенции и асистенции варира од 700 до 1400. Бројот на активни давеници варира од 30 до 90. Бројката е таа. Од 30 до 91 активен давеник, морам да напоменам, само на базени и водни паркови, е сериозна бројка“, укажува Чиљафи.

На охридското крајбрежје, пак, годинава имало повеќе од 400 интервенции со укажување прва помош и најмалку четири извлекувања на давеници од езерото. Од охридскиот црвен крст апелираат да се постават табли со предупредувања на плажите каде што нема спасители.

„Таму каде што нема услови за безбедно капење и рекреација, треба концесионерот, оние коишто стопанисуваат со капалиштата, да постават соодветни ознаки, знаци, табли на коишто ќе биде назначено дека тоа капалиште нема безбедни услови и дека капачите го користат на сопствена одговорност. Тоа за жал не се практикува никаде на охридско-струшкиот регион“, вели Точков, претседателот на охридскиот Црвен крст.

Стручните лица ги советуваат граѓаните да бидат внимателни кога влегуваат во вода.

„Проценете дали сте за влегување во вода. Не секогаш вашето тело е подготвено да влезе во вода. Не консумирајте обилни оброци, не пијте алкохол во големи количини пред влегување“, советува Чиљафи.

Точков, пак, советува да се внимава со пловните реквизити како педалинки, штици или кајаци.

„Да се избегнуваат оние пловни објекти коишто не се технички исправни, пловни реквизити“, вели Точков.

Управителот на СЦ „Борис Трајковски“, пак, советува уште од најмала возраст децата да почнат да пливаат за да развијат добри вештини за во вода.

„Да се посетуваат пливачки клубови, да се научи правилно да се плива, а со тоа доаѓа и самосвеста за исправно користење на водите“, вели управителот Даскаловски.

Пружањето помош на некој што се нашол во неповолна ситуација во вода е одраз на човечност. Но, тоа треба да се прави внимателно:

„Едноставно подобро е да повикате некој што знае, да не влегувате во таква ситуација, зашто може да настане поголем проблем“, советува спасителот Дамјан.

Летната сезона е во полн ек, бројот на капачи рапидно се зголеми, а тоа отвори и полни раце работа за спасувачите од Црвениот крст на Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG