Церемонијални маски со школки, колоритен текстил, портрети од мажи и жени со живописни бои врз лицата. Така изгледа домот на Билјана Јуруковски, македонска фотографка чија пасија е разоткривање на непознатите култури и обичаи на африканските народи.
„Мене како човек сепак ме интересираат места, култири, традиции што не се доволно испитани“, вели Билјана Јуруковски.
Билјана е трета жена во светот што успеала да стигне до речиси заборавеното кралство Куба во Конго и да направи фотографии со кои се овековечува една култура што полека исчезнува. Токму желбата да истражува ја поттикнала да ја напушти канцелариската работа и да тргне на фотографски експедиции низ африканскиот континент.
„Самиот крал ги поттикнува луѓето, според заслуга, да ги добиваат позициите во самото општество“, објаснува Билјана.
Нејзината најнова одисеја се случуваше пролетва. Тргнала во потрага по кралството Куба и неговите жители. Но, патувањето го сочинувале 18 дена поминати низ џунгла со ограничени резерви за храна и вода.
Осумнаесет часа бевме во џунгла, без храна и без вода. Исто така, претходно два дена живеевме само на половина литар вода
„Осумнаесет часа бевме во џунгла, без храна и без вода. Исто така, претходно два дена живеевме само на половина литар вода“
Метар по метар поминувале преку исчезнати патишта, а имале и бројни средби со полициски патроли што бараат поткуп.
„Мора да си ментално подготвен, за да појдеш на такво патување и да го издржиш тоа што ние го издржавме “
Кога конечно пристигнале имала на располагање само два часа активно фотографирање за да ја долови величината на маските, облеката и обичаите со кои се одликуваат жителите од кралството.
„Никогаш не ја вадам камерата, и никогаш не почнувам веднаш со фотографија. Тоа е некултурно и со тоа не се покачува почит кон нив. Доколку видат дека навистина имаш интерес за нивната култура, за нивните традиции, тие ќе бидат желни да разговараат и да ги покажат нивните традиции“.
Кралството Куба своите златни години ги живеело во 17. Век. Но, под влијанието на некогашната брутална колонизација и денешната глобализација се губат неговите белези. Истиот процес се случува и со другите африкански народи и племиња.
„Дваесет и педесет години од денес, дали овие луѓе ќе постојат. Кои се шансите дека нивните култури, дека нивните традиции нема да исчезнат. Имаме доста случаи на племиња од Африка, кои со самата колонизација целосно исчезнуваат“.
Штом човек се реши да почне со тој тип на фотографија и со истражување на тие племиња, стравот целосно се губи
Верува дека фотографиите ќе останат како вредно сведоштво за културите што изумираат.
„Целта ми е тоа што е останато, да се документира со фотографија, со документација од антрополошки аспект. Да се документираат нивните култури, традиции, церемонии, значењето на нивниот накит, значењето на нивните маски. Тоа е за да оставиме нешто за следните генерации“.
Тоа што кај македонската фотографка оставило впечаток е местото на африканската жена во тамошното општество. Таа и често се појавува во нејзините фотографии.
„На пример, во Судан, улогата на жената е да оди со километри за да побара вода. Така што тие, жените, се ‘рбетот на Африка. Исто така тие се чувари на нивните култури и традиции“, објаснува Билјана.
За себе, како жена која се нашла во ситуации кои ги ставаат на тест и човековата храброст и психа, вели дека на прво место ѝ е целта за која тргнала на една фотографска одисеја.
Во моментов сум во трка со времето. Да се фотографира колку што е можно повеќе тоа што е останато од африканските култури
„Штом човек се реши да почне со тој тип на фотографија и со истражување на тие племиња, стравот целосно се губи. Стои само стравот да не случајно не се направи добра фотографија. Тоа е најголемиот страв“.
Фотографката Јуруковски, со семејството живее во Австралија, а летните месеци претежно ги поминуваат во Охрид. Но, во исто време, размислува и за следна одисеја низ африканските предели.
„Во моментов сум во трка со времето. Да се фотографира колку што е можно повеќе тоа што е останато од африканските култури. Планирам да одам во Бенин и во Того. Таму да ги фотографирам вуду-ритуалите. Проучување и документација на вуду-ритуалите“.
Facebook Forum