Леонида Гичевска е македонска репрезентативка во ракомет, која потекнува од школата на ракометниот клуб Овче Поле во Свети Николе, од каде доаѓа и Кирил Лазаров, еден од најдобрите светски ракометари во историјата на ракометот. Гичевска за „Глас на Америка“ вели дека ракомет почнала да игра на седумгодишна возраст.
„Моите почетоци беа во ЖРК Овче Поле, односно во мојот роден град. Потоа преминав во ЖРК Вардар. Настапував и за ЖРК Металург, а потоа преминав и играв за ЖРК Куманово. Оттука започнува и мојата интернационална кариера. Играв две сезони во Франција, па заминав во хрватскиот шампион Локомотива од Загреб со која играв и Лига на шампиони и мојот последен клуб беше Бесансон во француската прва лига, со кој играв во Лига на Европа“, вели Гичевска.
Дел од летото Гичевска го помина во САД, каде што за време на одржувањето на турнирот „Handball Nationals 2023“, настапуваше за екипата на „Chicago Inter“, со која го освои второто место.
Секој почеток е тежок, а посебно кога доаѓаш од некое помало место. Но Свети Николе е ракометен град и Свети Николе имало и ќе има добри и прославени спортисти
„На социјалните мрежи видоа дека сум тука и ме контактираа од Chicago Inter, женскиот ракометен клуб, дали сум заинтересирана и дали сум во можност да настапувам на еден ракометен турнир, кој ќе трае од 9 до 11 јуни. Ракометната сезона завршува обично крај на мај, па јас бев слободна и бев во можност и им кажав дека сум во можност и дека ќе настапувам. Лигата во САД во моментот е поразлична од онаа во Европа. Тие сè уште се развиваат во ракометот. Сакаат да бидат добри домаќини и сакаат да се претстават во најдобро можно светло на Олимписките игри во 2028 година, кои ќе бидат во Лос Анџелес. И тие се стремат и сакаат да бидат што е можно подобри домаќини“, вели Гичевска.
Како е од малото гратче Свети Николе, да се стигне до врвен ракометар. Колку е тешко или лесно?
„Секој почеток е тежок, а посебно кога доаѓаш од некое помало место. Но Свети Николе е ракометен град и Свети Николе имало и ќе има добри и прославени спортисти. Сум имала многу препреки и тешкотии во животот и ракометот, но како и сè друго ги надминуваш. Прво ми беше тежок почетокот од Свети Николе во Скопје, потоа ми беше тешко од Македонија во Франција на почетокот, но само без откажувања, сè се постигнува“, вели таа.
Гичевска се пресели во Романија, каде сега ќе настапува во тамошниот шампионат.
„Следната сезона потпишав во клуб во Европа. Тоа е во најдобрата женска лига во моментот во Европа во Романија“, вели таа.
Со репрезентацијата на Македонија би сакала да направиме некои поголеми успеси. Да настапуваме на многу повеќе европски и светски првенства
Леонида е и стандарден член на македонската женска ракоментна репрезентација.
„Со репрезентацијата на Македонија би сакала да направиме некои поголеми успеси. Да настапуваме на многу повеќе европски и светски првенства понатаму, а зошто да не и на Олимписките игри во 2028 година во Лос Анџелес. На клупски план би сакала да настапувам секогаш во најсилната ракометна лига, каде што сум сега, а зошто да не и некое полуфинале и финале во Лигата на шампионите“, вели Гичевска.
Ракометот па и спортот бараат многу голема пожртвуваност вели оваа млада девојка.
„На многу фамилијарни пригоди не сум присуствувала. Излегувања, викенди, екскурзии безброј откажувања, но мислам дека сето тоа сè исплати на крајот, и веќе се исплати и сето тоа вреди“.
Таа и со порака до сите девојки кои сакаат да се занимаваат со спорт.
„Мојата порака до сите млади девојчиња, кои се занимаваат со спорт и со ракомет и до сите спортисти кои се во некои тешки или лесни моменти, само без откажувања, бидејќи после секој дожд доаѓа сонце. Стремете се кон својата крајна цел, на секој тренинг давајте максимум како во секоја друга работа. На секој тренинг тренирајте напорно и не се откажувајте од целта која ви е зацртана, од своите желби или замисли“, вели Гичевска во интервјуто за Гласот на Америка.