Линкови за пристапност

Од идната година македонската армија ќе се опремува со оклопни возила „страјкер“ од САД


Вежба со оклопните борбени возила „страјкер“ на Криволак
Вежба со оклопните борбени возила „страјкер“ на Криволак

Ова е добра можност припадниците на македонската армија да ги видат способностите на возилата ‘страјкер’ кои наскоро ќе бидат дел од капацитетите на македонската Армија, рече Петровска

Од крајот на идната година македонската армија ќе почне да се опремува со борбените и оклопни возила „страјкер“ од САД. Тоа денеска го најави министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на полигонот Криволак каде беше изведена показна вежба токму со возилата „страјкер“.

„Полигонот Криволак повторно се користи од страна на нашите сојузници со што се покажува взаемната доверба која што ја имаме, а ова е и добра можност припадниците на македонската армија да ги видат способностите на возилата ‘страјкер’ кои наскоро ќе бидат дел од капацитетите на македонската Армија“, рече Петровска.

На полигонот присуствуваше и американската амбасадорка Анџела Агелер, која се заблагодари за можноста припадниците на Армијата на САД за Европа и Африка да вежбаат и да се усовршуваат на „Криволак“.

„Сакам да му се заблагодарам на бригадниот генерал Елис што тука ги донесе припадниците на 2. Коњанички полк затоа што колку повеќе работиме заедно. Колку повеќе заедно извежбуваме постигнуваме поголема интероперабилност, а истовремено на тој начин Армиите стануваат поподготвени заедно да делуваат и да ги исполнуваат способностите кои се потребни за НАТО“, рече амбасадорката Агелер.

Денешната показна вежба беше дел од вежбата „Храбар партнер 23“ што припадниците на македонската армија ја изведуваат заедно со 180 припадници на американската Армија за Европа и Африка. На вежбата присуствуваше и бригадниот генерал Патрик Елис, заменик-шеф на штаб на Командата на Армијата на САД за Европа и Африка.

Оклопните возила „Страјкер“ се дел од Планот за модернизација на Армијата. Како што најави Петровска опремувањето со овие возила треба да почне од крајот на 2024 година. Притоа, освен возила, ќе бидат набавени и вооружување, балистичка заштита, електронски уреди, средства за комуникација.

Заедно со набавката, ќе се одвива и обука на македонската армија за ракување и управување со оклопните возила „страјкер“.

XS
SM
MD
LG