СКОПЈЕ – Во наредните седумдесетина дена граѓаните ќе може да купуваат околу илјада производи по намалени цени откако денес на сила стапија одлуките на Владата за ограничени скалести маржи и замрзнати цени. Синдикатот денес ја објави минималната кошничка која за само еден месец е потешка за 521 денар.
Единаесетте ставки кои ја сочинуваат синдикалната кошничка за февруари тежат 67.773 денари а доколку четиричленото семејство живее под кирија трошоците растат до 79.148 денари. Поскапувањето во делот на храна и пијалаци е 229 денари а најмногу скокнале цените кај млечните производи како путерот и урдата и кај дел од зеленчукот.
Ако се спореди со февруари минатата година пак, синдикалната кошничка е потешка за 6.297 денари а делот на храна и пијалаци поскапел за 2.208 денари.
Tрговците повторно ги зголемуваат цените на грбот на граѓаните и работницитеСлободан Трендафилов, претседател на ССМ
„За жал и новата пресметка на февруарската синдикална минимална кошничка покажува дека трговците повторно ги зголемуваат цените на грбот на граѓаните и работниците, особено користејќи го периодот од една до друга мерка кои ги креира Владата. Во сооднос со месец јануари поскапена е за 521 денар, додека само делот за храна и пијалаци повторно бележи поскапување од 230 денари што ќе потврди дека трговците во никој случај не испаднаа општествено одговорни“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Одлуките на Владата се исправни и прифатени се забелешките за времетраењето велат од Синдикатот.
„Владата утврди мерка која ќе овозможи санкционирање на овие нефер трговски практики, овозможи со мерката да се намалат за најмалку 10 проценти цената на овие производи кои се таксативно наведени и кои не можат да ги избегнат трговците и ги прифати забелешките на Сојузот на Синдикати на Македонија кои ги укажуваме од септември минатата година“, вели Трендафилов.
Скалестите маржи од 5,10 односно 15 отсто на 102 групи производи и замрзнување на цени на 8 производи на нивото од 1 февруари кои стапија на сила денес ќе траат до 30 април.
Новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало владините одлуки ги оцени како избрзани и штетни и побараа итна средба со Владата.