Линкови за пристапност

Од 55 до 110 денари – Владата замрзна цени на единаесет вида овошје и зелечнук


Патлиџан до 70 денари, леќа најмногу до 110 денари за килограм – Владата интервенираше во цените на дел од овошјето и зеленчукот. Анализите покажале дека некои продукти се продавале двојно па и тројно поскапо од увозната цена со вклучена царина. Новите цени се со вклучени маржи и затоа нема ризик дека трговците ќе престанат да ги испорачуваат вели министерот за еконoмија Крешник Бектеши. Пазарниот инспекторат продолжува со контроли, дел од фирмите фатени дека продаваат по повисоки цени од замрзнатите не ги платиле глобите

СКОПЈЕ – Владата одлучи да ги ограничи максималните продажни цени на единаесет вида овошје и зеленчук кои според анализите на Царинската управа и министерството за економија се продавале двојно па и тројно поскапо од увозната цена. Одлуката донесена денеска стапува на сила во среда а цените на единаесетт продукти ќе се подаваат од 55 до 110 денари за килограм до крајот на овој месец.

„ Во овој период свежите домати не може да се продаваат повеќе од 70 денари. Највисоката цена на свежите краставици ќе биде 75 денари, на кромидот 60, карфиолот 70, пиперките 90 денари. Цената на гравот нема да биде повисока од 75 денари, а на леќата 110 денари. Кај овошјето бананите ќе треба да бидат до цена од 70 денари, мандарините 60, а највисоката цена на портокалите и лимоните ќе биде 55 денари“, соопшти министерот Бектеши.

Тој соопшти дека во новите цени одредени од Владата е вкалкулирана маржа од 40 отсто како и расходот на трговците т.н. „кало“.

„Генерално овие производи имаат „кало“ или „растур“ од 10 до 30 отсто во зависност од производот и затоа одлучивме да одиме со највисоките цени кои се малку повисоки од тоа што е 40 отсто маржа. Разговараме и во делот на намалување на царинските давачки. Сите увозни цени се калкулирани со вградена царина. Затоа не стои образложението дека се плаќаат царини од 30, 40 посто и затоа цените се зголемени. Не е вкалкулиран само ДДВ-то од 5 отсто кој е речиси за секој производ во одлуката“, рече Бектеши

Граѓаните нема да се соочат со недостаток на овие производи и нема опасност дека трговците ќе ги повлечат или нема да ги испорачуваат.

„Одлуката важи само за 25 дена до моментот кога кај нас ќе имаме домашно производство а секако дека кога има зголемување на понудата и конкуренцијата се намалуваат цените.Одлуките може да продолжат и по мај или по април во зависност од нивната важност со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните“, додаде министерот Бектеши.

Пазарните инспектори ќе продолжат со контроли кај трговците и во маркетите но и на пазарите каде може да се соочат со проблеми бидејќи закупците на тезги речиси и да не издаваат фискални сметки или пак не ги истакнуваат цените.

Пазарниот инспекторат изрече 20 казни во висина од 800 до 10 илјади евра на трговци на мало и големо кои не ги почитуваа одлуките на Влада и продаваа по цени повисоки од предвидените. Вкупно за напшлата се 2,5 милиони денари но дел од овие трговци не ги платиле глобите и за нив е поведена судска постапка.

„Констатирани се неправилности, издадени се прекршочни платни налози кои треба да се платат во рок од 8 дена и тоа не е сторено. Заради тоа е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд. По завршување на постапката ќе ги соопштам имињата на субјектите“, изјави Горан Трајковски, директор на ДПИ

Досега Владата ги замрзна цените или постави максимални цени за продажба на белиот и полубелиот леб, дел од млечните производи и тестенините, домашните јајца и ориз како и на дел од хигиенските производи.

XS
SM
MD
LG