Републиканците во Претставничкиот дом го презедоа првиот чекор да му помогнат на претседателот Доналд Трамп да го исполни големото ветување од кампањата – за укинување и заменување на Обамакеар.
Планот ги задржува двата најпопуларни елементи на оригиналниот Акт за достапна здравствена заштита, -- спречување на осигурителните компании да одбијат здравствено покривање на лица со претходно стекнати здравствени проблеми, и да им се дозволи на младите да останат на осигурувањето на нивните родители до 26 години возраст.
Новата верзија ја отстранува одредбата за даночно казнување на оние кои ќе решат да немаат здравствено осигурување. Отстранета е и помошта зависно од примањата што им помагаше на сиромашните да си дозволат осигурување со даночни кредити.
Критичарите, особено претседателот Трамп посочуваа на растечките трошоци за корисниците и понекогаш комплицирана бирократија, нарекувајќи ја Обамакеар неуспех и убиец на работни места заради трошоците што ги создава за малите бизниси.