Линкови за пристапност

Обама се врати во Вашингтон


Претседателот на САД ја скрати политичката кампања во Флорида и се врати во Белата куќа по веста за трагедијата во кино-салата во Аурора, Колорадо.

Советникот за национална безбедност Џон Бренан го известил претседателот Обама за инцидентот рано во петокот, додека се подготвувал за последниот ден од предизборната кампања во Флорида.

Откако и` наложи на својата администрација да се стори се` да им помогне на погодените „во ова исклучително тешко време“, претседателот разговарал по телефон со градоначалникот на Аурора и со гувернерот на Колорадо.
Потоа, на неговата прва станица на кампањата, во Форт Маерс, Флорида, тој рече дека трагичните инциденти се потсетник за луѓето за важноста да останат обединети како едно американско семејство.

„Иако можеби никогаш нема да целосно да дознаеме што причинува некој да одземе нечиј друг живот, ние знаеме што е тоа што го прави животот вреден да се живее. Луѓето што ги загубивме во Аурора сакаа и беа сакани. Тие беа мајки и татковци, сестри и браќа, синови и ќерќи, пријатели и соседи. Тие имаа надежи за иднината и соништа што не беа исполнети“, рече Обама.

Претседателот кажа и дека ако има нешто што би можело да се извлече од трагедијата, тоа е важноста на начинот на кој луѓето се третираат меѓу себе и се сакаат.

„Мишел и јас сме среќни што ќе можеме да ги гушнеме нашите ќерки малку поцврсто верчерва и сигурен сум дека и вие ќе го сторите истото. Но, оние родители кои тоа не ќе можат да го сторат - нив треба да ги прегнеме и да им кажеме дека ќе бидеме со нив како нација“, им порача Обама на насобраните.

Човекот на чело на САД побара од поддржувачите во Форт Маерс да му се приклучат во момент на молчење.

Велејќи дека има „други денови за политика“, Обама го заврши настанот и го откажа наредниот во Орландо, Флорида, по што се упати назад во Вашингтон. Претседателот, неговата сопруга Мишел и потпретседателот Џо Бајден исто така на одредено време ги откажаа и другите наредни настани во предизборната кампања.

Реагираше и републиканскиот кандидат Мит Ромни, кој изјави дека со сопругата се длабоко потресени од „бесмисленото насилство“.
XS
SM
MD
LG