Линкови за пристапност

Обама на комеморацијата за убиените полицајци во Далас повика на единство на нацијата


Побара од Американците да се обидат да најдат заеднички јазик по прашањето за расните односи

Претседателот Барак Обама учествуваше на комеморацијата во Далас, Тексас, во знак на почит за петтмината убиени полицајци. Tој истакна дека минатонеделното насилство ја покажало “најдлабоката маана на нашата демократија”, истовремено потенцирајќи дека земјата не е толку поделена колку што некои сметаат.

Oбама побара од Американците да се обидат да најдат заедники јазик, додека тој се обидува да ја обедини нацијата, длабоко поделена по прашањето за расните односи меѓу агенциите за спроведување на законот и малцинските општини, каде се распоредени нивни претставници.

Минатонеделниот напад врз полицијата во Далас од страна на Афро-Американец и воен ветеран, кој бил лут заради убиството на две црни лица во Луизијана и Минесота, ја интензивира националната дебата околу расните предрасуди во агенциите за спороведување на законот.

За време на обраќањето, Обама повика на единство и надеж:

“Разбирам како се чувствуваат Американците, но Далас, јас сум овде за да кажам дека мораме да ja отфрлиме ваквaта безнадежност”.

Тој ги повика САД да зборуваат “искрено и отворено” за актуелната состојба на расните односи, велејќи дека огромен број на полицајци “вреди да ги почитуваме, а не да ги презираме”.

“Иако изминативе децении во САД има драматично подобрување на расните односи”, додаде американскиот претседател, “знаеме дека предрасудите постојат, знаеме”.

“Како што овие петтмина херои знаеле подобро од многу други - не можеме благодетите на нашата земја да ги земаме здраво за готово. Само преку меѓусебна соработка, ќе може да ги сочуваме институциите како семејството и заедницата; правата и одговорностите; законите и самостојноста, коишто се белег на нашата држава. Реалноста е дека не можеме да опстанеме сами, во изолација. Надежта не се раѓа преку соборување на нашите граѓани. Се јавува преку нивно подигање”.

На комеморацијата во Далас присуствуваа и потпретседателот Џо Бајден и поранешниот претседател Џорџ В. Буш.

XS
SM
MD
LG