Линкови за пристапност

Обама: Ќе преземеме акција врз странските влади вмешани во изборите во САД


Претседателот Обама додаде дека следат и „други проценки“ на американските разузнавачки агенции и чека на конечниот извештај за тоа кој бил вмешан и зошто го сторил тоа

Претседателот Барак Обама соопшти дека САД ќе преземат акција против Русија или која било друга странска влада којашто се обидува да се меша во изборите во САД.

Во интервју за Националното јавно радио, Обама подвлече дека наводните руски активности бараат американска реакција.

„Сметам дека нема сомнение оти, кога која било странска влада се обиде да влијае на интегритетот на нашите избори, треба да преземеме акција – и ќе го сториме тоа, но во време и место коешто ние ќе го избереме. Дел од активностите можно е да бидат експлицитни и јавни, дел можеби не. Но, господинот Путин мошне добро знае што мислам, бидејќи директно со него имам разговарано за тоа“, изјави Обама.

ЦИА донесе заклучок дека руските хакери упаднале во компјутерите на Демократската партија, со намера да обелоденат потенцијално омаловажувачки електронски пораки за претседателската кампања на Хилари Клинтон, а наводно со цел да му помогнат на републиканецот Доналд Трамп да победи на изборите.

Претставници на Белата куќа рекоа дека вакво нешто не можело да се случи, без вмешаност или директно знаење на рускиот претседател Владимир Путин. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наводите ги нарече „глупост“ и „смешна бесмислица“.

Претседателот Обама додаде дека следат и „други проценки“ на американските разузнавачки агенции и чека на конечниот извештај за тоа кој бил вмешан и зошто го сторил тоа.

Новоизбраниот претседател Трамп, пак, преку Твитер кажа, дека „ако Русија или некој друг ентитет вршел хакерски напад, зошто Белата куќа чекала толку долго да реагира. Зошто се жали откако Хилари Клинтон загуби на изборите“?

XS
SM
MD
LG