Русија мора да ја исполни својата обврска и да изврши притисок врз проруските сепаратисти да дозволат пристап на странски екипи до местото во источна Украина каде што се урна малезискиот патнички авион, рече денеска американскиот претседател Барак Обама.
Во обраќањето од Белата куќа за случајот, Обама порача дека вистината мора да излезе на видело. Претседателот рече дека сепаратистите, што имаат поддршка од Русија, без никаков обѕир ги отстрануваат телата од местото на уривање, нарекувајќи го тоа „навреда за оние што изгубија најблиски“ на летот МХ17. Тој смета дека Русија и рускиот претседател имаат обврска да ги принудат оние што претходно ги охрабрија, обучија и вооружија, сега да прекинат да ја попречуваат истрагата.
Според Обама, се` уште е можно да дојде до дипломатско решение на Украина, но дека Русија и Путин мора да скршнат од досегашната стратегија. Доколку Русија продолжи да ги поддржува сепаратистите, рече претседателот, ризикува натамошна изолација и повисока цена што доаѓа со неа.