Линкови за пристапност

Обама повикува на продолжување на даночните олеснувања за средната класа


Тешко е да се каже дали предлогот ќе мине во Конгресот, зашто Републиканците се цврсто против.

Американскиот претседател Барак Обама го обнови повикот за продолжување на даночните олеснувања за Американците од средната класа, но не и за богатите.

Со претседателските избори на помалку од четири месеци, Обама во понеделникот во Белата куќа покани група даночни обврзници кои се верува дека ќе имаат корист од обнова на даночните олеснувања и по истекот на рокот до крајот на годината. Претседателот, кој се бори за реизбор на функцијата, повика за едногодишно продолжување на даночните давачки за оние кои заработуваат под 250.000 годишно. Овој чекор би опфатил околу 98 отсто од американските даночни обврзници.

Претходно, со усвојување на пошироките планови за трошоци Обама се согласи да ги задржи скратувањата за сите даночни обврзници. Тој истакна дека скратувањата не се повеќе потребни за двата процента од Американците со највисоки примања и дека со тој потег во текот на наредние десет години би се додале еден трилион долари како помош за владината задолженост.

Републиканскиот ривал Мит Ромни и конгресните републиканци и натаму се противат на даночните планови на претседателот, велејќи дека намалените даночни стапки пред 11 години поставени од претседателот Џорџ Буш треба да бидат важечки за сите даночни обврзници.

Ромни предлогот на Обама го нарече „огромно покачување на даноците“ и, како што кажа, тоа е само доказ дека претседателот „нема идеја како да придонесе Америка повторно да функционира и како да и` помогне на средната класа.“
XS
SM
MD
LG