Линкови за пристапност

Средба на претседателот Обама со виши претставници на национална безбедност


Тој притоа истакна дека крајот на конфликтите во Сирија и Ирак од клучно значење за пораз на ИД

Со очекуваното стапување на сила на прекинот на огнот во Сирија во сабота, претседателот Барак Обама вели дека ставањето крај на конфликтите во Сирија и Ирак, е од клучно значење за пораз на Исламската држава.

Тој воедно додаде дека ситуацијата во овие две земји е една од најсложените што светот ги има видено во поново време. Обама подвлече дека ИД е стационирана и во урбаните области, користејќи ги цивилите како човечки штитови. Лидерот на САД ова го изјави по средбата со виши претставници на национална безбедност во Стејт департментот. Тој додаде дека постојат индикации за намалување на приливот на странски борци во Сирија.

Во однос на американско–рускиот прекин на огнот што треба да стапи на сила во оваа земја, тој кажа дека САД ќе сторат се` што е во нивна моќ да помогнат во успех на овој договор. Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија планира да продолжи со бомбардирање на цели на Исламската држава и терористичките организации на фронтот Ал-Нусра поврзани со Ал Каида, во Сирија. Путин истакна дека договорот на ОН не се однесува на организации што ОН ги оквалификувале како терористички.

Секретарот за одбрана, Еш Картер за време на распит во Конгресот кажа дека САД го зголемуваат финансирањето на борбите против ИД во Сирија, Ирак, Авганистан и делови на Африка. Тој кажа дека Пентагон бара 7,5 милијарди долари, што е за 50 проценти повеќе од минатата година за борба против милитантната организација.

XS
SM
MD
LG