Американскиот претседател Барак Обама во вечерашното редовно годишно обраќање за состојбата на земјата се очекува да предложи замрзнување на буџетот – нешто што најверојатно ќе наиде на одзив на републиканците кои бараат кратење на трошоците за да се намали националниот долг.
Претставник на Белата куќа, говорејќи под услов да остане анонимен, за американски медиуми изјави дека претседателот ќе повика на петгодишно замрзнување на дискреционите трошоци, освен оние од областа на безбедноста.
Републиканците, кои неодамна освоија мнозинство во Претставничкиот дом, за свој приоритет го истакнаа кратењето на федералниот буџет. Некои пратеници побараа кратење од 100 милијарди долари годинава.
Обама се обидува да продолжи да гради соработка со републиканците, по договорот што го постигна со нив околу даночните скратувања минатата година.
Се очекува најголем дел од вечерашниот говор на Обама да биде посветен на предизвиците пред нацијата, како што се како да се отворат нови работни места и како да се зајакне економијата.
Во видео-снимка објавена пред говорот, Обама вели дека сака владата да преземе мерки што ќе поттикнат создавање на работни места и економски растеж, а парите да се трошат на конкретни проекти од јавното добро, како брза железница, проекти на еколошки видови на енергија и поддршка на високообразовни проекти.
Водачот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел ги повика новинарите да бројат колкупати во говорот Обама ќе го спомене зборот „инвестиции“. Во интервју за Интернет-страницата Политико, Меконел рече дека кога демократите го употребуваат тој збор, тоа значи дека предлагаат нови трошоци.
Ова е второ редовно годишно обраќање на Обама за систацијата во која се наоѓа земјата откако стапи на функцијата во 2009-та.
Говорот по традиција се одржува во Конгресот, на заедничка седница на обата дома. Американскиот устав налага претседателот одвреме-навреме да го известува Конгресот за состојбата во земјата.
По неодамнешниот оружен инцидент во кој тешко беше повредена конгресменката Габриел Гифордс, дел од демократите и републиканците најавија дека ќе ги минат партиските партери и ќе седнат еден до друг во Конгресот за време на говорот.