Линкови за пристапност

Агресивна кампања на Обама по слабиот настап на дебатата


Американскиот претседател започна со остра реторика против Ромни, во подготовка за вториот тв-дуел што следи за околу една недела.

Бројни анализи на дебатата во средата покажаа дека републиканскиот предизвикувач Мит Ромни изгледал релаксирано, самоуверено и енергично, додека претседателот Барак Обама, уморно, пасивно и нервозно.

Токму затоа, наредниот ден во говорот пред симпатизери во Денвер, Колорадо, не губеше време да почне да го напаѓа својот противник.

„Кога излегов на сцената, запознав еден човек полн со дух, кој тврди дека е Мит Ромни“.

Обама кажа дека тоа што поранешниот гувернер на Масачусетс за време на дебатата рекол дека планира да скрати пет трилиони во даноци, е став по кој не го знае противникот.

„Сепак можеби и не беше Мит Ромни. Бидејќи вистинскиот Мит Ромни за време на кампањите минатата година, ветуваше скратување на даноците во висина од пет трилиони долари во полза на богатите. Човекот кој беше до мене на бината, рече дека не знае ништо за тоа“.

Ромни кажа дека не планира да ги намали даноците на богатите Американци. Тој вети фокус на средната класа, за која кажа дека е уништена за време на мандатот на Обама.

„На луѓето со високи примања им оди добро во овие економски услови. Ќе им биде добро, без оглед дали сте вие претседател или јас. Луѓето кои во моментов имаат проблеми се Американците од средната класа. Со политиката на претседателот, овие Американци се закопани, едноставно се уништени“.

Некои демократи го обвинија претседателот дека пропуштил можности да реагира на тврдењата на Мит Ромни, кога овој му дал прилика за тоа, и дека самиот не креирал такви моменти со покренување прашања добро познати во јавноста што не му одат во прилог на Ромни.

По Денвер претседателот кампањата ја продолжува во Медисон, Висконсин, а потоа се враќа во Вашинтон. Веќе се закажани наредни обраќања во клучните сојузни држави Вирџинија и Охајо.

Ромни, заедно со потпретседателскиот кандидат Пол Рајан, во петок е во Вирџинија

Втората од трите претседателски дебати ќе се одржи на 16-ти октомври.
XS
SM
MD
LG