Линкови за пристапност

Обама и Ромни изедначени – двајцата на одмор


Невработеноста клучна за кандидатите за претседател, но неизвесноста се очекува да остане до изборите во ноември.

Според најновите анкети претседателот Барак Обама има само мали, и веројатно незначително водство пред републиканецот Мит Ромни во трката за Белата куќа, во очекување на извештајот за невработеноста во земјата во петок.

Со невработеност и натаму на високо ниво, Ромни и Обама засега се во мошне изедначена трка пред изборите во ноември, без знаци дека некој од нив може да напредне.

И обајцата оваа недела се на одмор, што го опфаќа и празникот 4-ти јули.

„Кога станува збор за разлика во поддршката од 2-3 проценти за претседател кој се бори за реизбор, би рекол дека не е добро за него“, вели републиканскиот експерт Рич Гален, кој не е поврзан за кампањата на Ромни.

„Политичката кампања на Обама е комплетно зависна од Ангела Меркел и нејзината политика за задржување на единството на еврозоната“, додава тој.

Јуни за актуелниот претседател почна лошо. Неповолните податоци за креирање на работни места уследија по веста дека кампањата на Ромни собира повеќе пари од донации споредено со неговата. Ситуацијата се влоши кога Обама за новинарите изјави дека „на приватниот сектор му оди добро“, изјава што републиканците сега често ја користат за контра напади во своите рекламни спотови. Обама се обидуваше да направи споредба на приватниот сектор каде е забележан постојан, но умерен пораст на нови вработувања, со јавниот сектор, каде заради буџетските скратувања, имаше бројни отпуштања на наставници, полицајци и други вработени во владата.

Но, јуни сепак заврши поволно за Барак Обама. Врховниот суд отфрли поголем дел од ригорозниот анти-имиграционен закон за сојузната држава Аризона, на кој неговата администрација се противеше. Потоа уследи и уште една одлука на највисокиот суд во државата што му оди во прилог. Потврден беше законот за реформа на системот за здравство предложен од демократскиот претседател.

Од штабот на Мит Ромни потврдуваат дека републиканскиот кандидат летово планира да го посети Израел во обид да ја добие поддршката на потенцијалните еврејски гласачи во САД, како и на конзервативците кои на Израел гледаат како на витален воен и политички сојузник.

Летните одмори и престојната Олимпијада во Лондон може на неколку недели да го оттргнат вниманието на гласачите од политиката, а политичките и правни активисти можно е и натаму да дебатираат околу здравствената грижа и имиграцијата. Но, Ромни стои на ставот дека е подобар кандидат од Обама бидејќи претседателот не води добра економска политика.

Експертите се согласни дека токму економијата ќе доминира се` до денот на изборите.
XS
SM
MD
LG