Линкови за пристапност

Обама притиска за своето решение за „фискалната бездна“


Со насмевки, но и без решение: Џон Бејнер и Барак Обама
Со насмевки, но и без решение: Џон Бејнер и Барак Обама

Бара зголемување на даноците за најбогатите Американци. Републиканците против, барем засега.

Американскиот претседател Барак Обама е на кампања во срцето на индустријата во земјата – Мичиген, вршејќи притисок за својата верзија како да се избегне „фискалната бездна“.

Обама заговара зголемување на даноците за најбогатите Американци како решение за фискалниот ќорсокак во кој земјата западна откако Белата куќа и Конгресот не најдоа решение за даночните олеснувања и буџетските дотации што истекуваат на 31-ви овој месец.

Доколку не биде постигнато решение до овој рок, на сила ќе стапат буџетски кратења и даночни зголемувања во износ од 600 милијарди долари – ситуација што во медиумите стана позната како „фискална бездна“.

Белата куќа бара да се укинат даночните олеснувања за најбогатите Американци - оние кои заработуваат преку 250.000 годишно, а да се задржат олеснувањата за сите други кои заработуваат под таа граница. Обама во Мичиген кажа дека економското богатство на земјата беше изградено врз основа на благосостојбата на нејзината работничка класа.

Републиканските противници на Обама во Конгресот, пак, се против кревање на даноците, без разлика за кого се работи. Па сепак, некои републиканци започнаа да говорат дека можеби ќе биде потребно зголемување на даноците за да се постигне компромис, но под услов Обама да одговори на нивното барање за кратење во програмите за здравствена заштита за постарите лица и сиромашните.

Обама и претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бејнер, неделата се сретнаа во Белата куќа за да најдат излез од ситуацијата. Ова беше прва нивна средба лице-в-лице посветена на „фискалната бездна“ од ноември годинава. Иако директно не коментираа за деталите на средбата, обете страни најавија дека линиите на комуникација остануваат отворени.

Економистите, пак, наведуваат дека доколку стапи на сила, автоматското скратување на буџетските трошоци и зголемувањето на даноците би можело да ја турне американската економија во нова рецесија, втора по ред последниве три години.
XS
SM
MD
LG