Претседателот на САД Барак Обама изјави дека најголема грешка на неговото претседателствување бил неуспехот во подготовката за справување со последиците по соборувањето на либискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година.
Обама се наврати на постигнувањата и падовите во неговите два мандати во Белата куќа. Во интервју за Фокс Њуз тој на новинарот Крис Валас му кажа дека интервенцијата во Либија за заштита на цивилите од режимот на Гадафи било „вистински чекор“. Неколку месеци откако САД и европските држави започнаа воздушни напади и либискиот лидер беше ликвидиран земјата се најде во хаос што продолжува до денес.
Паравојски ја презедоа контролата врз двата ривалски парламенти и влади и Либија постана главна точка за транзит на мигрантите во обид да стигнат до Европа, влошувајќи ја мигрантската криза на континентот.
Владата на национално единство поддржана од ОН пристигна во главниот град Триполи, но ниту еден од ривалските парламенти досега официјално не го поддржа договор постигнат со посредство на ОН.
Обама изјави дека тој на Либија гледа како „на хаос“, и во друго интервју за списание „Атлантик“ кажа дека британскиот премиер Дејвид Камерон бил „расеан од страна на голем број други прашања“ по либиската операција. Обама, исто така, го критикуваше поранешниот француски претседател Николас Саркози за лоша политика кон Либија по соборувањето на Гадафи.