Наводните тесни врски на Пакистан со Талебан и нуклеарниот арсенал на Исламабад, се очекува да бидат во фокусот на денешните разговори меѓу претседателот Барак Обама и пакистанскиот премиер Наваз Шариф во Белата куќа.
Се очекува американскиот лидер да изврши притисок врз Шариф да ги оживее мировните разговори меѓу Кабул и поранешните тврдокорни исламистички водачи на Авганистан. Откако американските сили во 2001-та ги соборија од власт овие лица заради обезбедување засолниште на лидерот на Ал Каида, Осама бин Ладен, тие се дел од постојаното бунтовништво во земјата.
Американската влада воедно врши притисок врз Исламабад за елиминирање и на други радикални исламистички групи, како мрежата Хакани, со седиште во Пакистан.