Линкови за пристапност

Обама ги брани програмите за набљудување


Вели дека „како општество“, Американците ќе треба да донесат извесни тешки одлуки.

Американскиот претседател Барак Обама ги брани програмите што им овозможуваат на разузнавачките агенции да собираат информации за телефонски податоци и да имаат пристап до серверите на компаниите што нудат Интернет-врска.

За време на денешниот јавен настап во Калифорнија, Обама потсети дека од 2006-та - наваму, Конгресот со големо натпартиско мнозинство решаваше да ги продолжи програмите. Според него, програмите имале ефект во спречувањето на тероризмот.

Ова е прв јавен коментар на Обама откако случајот се појави во јавноста. Наведе дека Конгресот бил целосно информиран за програмите уште од самиот почеток и се обиде да ги убеди Американците во приватноста на нивните телефонски разговори, велејќи дека владата собира информации само за повиканите броеви и должината на повиците, но не и за нивната содржина.

„Никој не ги прислушкува вашите разговори. Програмата не е за тоа", рече Обама.

Првиот човек на САД кажа и дека ако законодавците во Конгресот и американските граѓани се загрижени за набљудувањето, тој ја поздравува дебатата за рамнотежата меѓу националната безбедност и грижата за заштита на приватноста. Но, напомена дека Американците ќе треба да направат клучен избор.

„Мислам дека е важно да се уважи дека не може да имате 100% безбедност и во исто време 100% приватност, а згора на тоа и 0 непријатност. Како општество, ќе мора да донесеме извесни тешки одлуки“, рече Обама

Претседателот тврди и дека програмата „Призма“ за следење преку Интернет не се однесува на Американците или други лица кои живеат во САД без претходно добиен налог од специјален суд за национална безбедност.
XS
SM
MD
LG