Претседателот Барак Обама побара „најсилни можни правила“ што ќе ја заштитат неутралноста на Интернетот и ќе обезбедат дека оние коишто нудат Интернет-услуги ги третираат сите корисници подеднакво.
Обама денес упати вакво барање до Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ) којашто подготвува нови регулативи за Интернет-сообраќајот.
Обама ја повика ФЦЦ да забрани склучување на секакви договори што би овозможиле оние, коишто обезбедуваат содржини на Интернет, да плаќаат на оние коишто нудат Интернет-услуги за побрз достава на нивните содржини – појава позната под името платен приоритет. Претседателот наведува и дека на оние коишто нудат Интернет-услуги не треба да им се дозволи да блокираат легални Интернет-содржини од корисниците.
Претседателот истакна дека ФЦЦ треба да ги регулира Интернет-услугите на ист начин на којшто се регулирани електричната енергија, водата и другите јавни услуги.
Порано годинава Комисијата предложи широки промени во начинот на кој Интернетот функционира во САД. Во мај, таа гласаше да понуди план со којшто поголемите компании што обезбедуваат Интернет-услуги, како Еј-Ти-Енд-Ти и Комкаст, ќе можеа да склучуваат договори со компании како Гугл и Фејсбук, за побрз пласман на нивните содржини до корисниците. Но, контроверзниот предлог наиде на негодување од страна на кориснички групации и некои Интернет-компании. Белата куќа наведува дека до ФЦЦ биле поднесени речиси четири милиони јавни коментари во врска со предлогот.
Според Белата куќа, барањето на Обама ќе гарантира дека мрежата функционира за секого, а не само за една до две компании.