Линкови за пристапност

Обама сака да ја запре реториката против сириските бегалци


Таквата реторика, рече тој, е спротивна на американските вредности и може да се претвори во средство за регрутација на милитанти.

Американскиот претседател Барак Обама го критикуваше спротивставувањето на некои американски политичари за населување на сириски мигранти во САД, велејќи дека нивната реторика е спротивна на американските вредности и може да се претвори во средство за регрутација на нови членови на милитантната организација Исламска држава.

По терористичкиот напад на Париз, некои политичари од републиканските редови повикуваат на запирање на планот за населување на сириски мигранти, или само дозволување влез на мигранти со христијанската вероисповед, тврдејќи дека САД само така ќе се заштити од влез на терористи во државата кои можат да спроведат слични напади.

„Не ни користи ако нашиот одговор на терористички напад е страв и паника“ рече претседателот Барак Обама на самитот на АПЕК во Манила.

Законодавци од републиканските редови повикуваат на запирање на планот за населување на 10.000 мигранти од Сирија во САД, во дебата многу слична на дискусии во европските држави за тоа дали населувањето на овие луѓе ја загрозува безбедноста.

Обама смета дека дебатата доведува до мислење оти „се води војна помеѓу Исламот и Западот“.

Сенаторот од Републиканската партија и кандидат за претседателските избори, Тед Круз рече дека тој планира да се донесе закон со кој ќе се спречи влезот на сириски мигранти во САД.

Спикерот на Претставничкиот дом, Пол Рајан, повика на краток прекин со прифаќањето сириски мигранти.

Дваесетина гувернери навестија блокирање на планот за населување на сиријски мигранти во нивните сојузни држави.

Без именување, Обама смета дека некои официјални лица ја подгреваат дебатата од политички причини.

„Кога некои поединци велат дека ние треба да спроведеме религиозен тест и дека само христијани, потврдени христијани, можат да дојдат во предвид, тоа е многу навредливо и спротивно со американските вредности“ кажа претседателот.

Администрацијата на Обама смета дека сегашниот процес на проверка за мигрантите кои влегуваат во САД е во ред, додавајќи дека мора да поминат низ интензивна и детална проверка која трае од 18 до 24 месеци. Тој вели дека секоја нова идеја за подобрување на процесот е добредојдена.

Тој исто така го повика Конгресот да предложи закон кој ќе дозволи воени акции со цел возвраќање на ударот на милитантите на Исламската држава во Сирија, велејќи дека тој чекал повеќе од година и пол за законодавците да реагираат.

XS
SM
MD
LG