Претседателот Барак Обама кажа дека по заклучокот на американските разузнавачки агенции дека Русија е вмешана во изборите во САД, може да се случи слична активност. Тој додаде дека е важно Конгресот и новоизбраниот претседател Доналд Трамп да обезбедат дека ваквото влијание е „минимизирано“.
Во верзијата на извештајот на агенциите за разузнавање објавена во јавноста во петокот, се вели дека рускиот претседател Владимир Путин „наредил да се влијае врз кампањата“ за време на изборите, преферирајќи да победи Трамп наспроти Хилари Клинтон.
Во интервју за телевизијата Еј-Би-Си (ABC), Обама изјави дека наредил да се изврши увид, со цел, „да се обезбеди дека ова е нешто што Путин го прави веќе подолго време во Европа, првично во поранешни руски републики, но главно во западните демократии“.
Обама, чиј втор мандат завршува на 20-ти јануари, додаде дека потценил колку дезинформацијата и хакирањето можат да влијаат врз отворените општества и, како што кажа, „да влијаат во нашите демократски пракси“.
Тој подвлече дека треба да се посвети повеќе време и ресурси во кибернетската безбедност и се надева дека на ситуацијата не се пристапува од партиска гледна точка.
Ринс Прибус, кого Трамп го избра за шеф на кабинет во Белата куќа, за телевизијата Фокс (FOX), изјави дека Трамп прифаќа дека Русија е одговорна за хакирањето. Прибус на неколкупати ги критикуваше напорите на Демократскиот национален комитет во однос на кибернетската безбедност, велејќи дека остава „широко отворена врата“, странските влади да имаат пристап до системите.