Линкови за пристапност

Обама го предизвика Конгресот за оружјето


Бара да ги усвои неговите предлози за поголема контрола по масакрот во Њутаун, вели дека „наша прва задача како општество“ е децата да бидат безбедни.

Американскиот претседател Барак Обама го зеде на нишан насилството со огнено оружје, поднесувајќи предлози што се очекува да ја разгорат политичката битка со организациите кои се залагаат за правото на поседување на оружје и нивните симпатизери.

Обама побара Конгресот без застој да ги усвои неколкуте предлози, порачувајќи дека „наша прва задача како општество“ е децата да бидат безбедни.

„Ајде да го сториме она што е правилно, за нив и за оваа земја која толку ја сакаме“, рече Обама, придружен од ученици кои му пишале на оваа тема по масакрот на 14-ти декември во Њутаун, сојузната држава Конектикат, во кој загинаа 20 деца и шест учители.

Обама го нарече тој ден најлошиот во неговиот претседателски мандат и предупреди дека начинот на кој сега ќе реагира Конгресот ќе се одрази на идните генерации.

„Според тоа ќе ни судат, и нивните гласови (на децата, н.з.) треба да не обврзат на промени“, рече претседателот.

Предлозите на Обама вклучуваат забрана на полуавтоматско оружје, универзална безбедносна проверка за купување на оружје, како и зајакнување на услугите на менталната здравствена заштита. Претседателот исто така потпиша вкупно 23 извршни наредби што ќе им помогнат на агенциите за безбедност и здравствените лица поефикасно да се спротистават на насилството со огнено оружје.

Вторникот, најголемите лоби-групи за правото на оружје започнаа рекламна кампања, напаѓајќи ги предлозите на Обама уште пред да бидат објавени. Рекламите го нарекуваат Обама „елитистички хипокрит“ затоа што дозволил обезбедувањето да ги чува неговите деца на школска возраст, но го одбил предлогот за вооружено обезбедување во сите училишта.

Повеќе нови истражувања покажуваат дека Американците би прифатиле построги владини ограничувања за оружјето Според заедничкото истражување на Асошиетед прес и ГфК, мнозинството Американци се за забрана на рафалното оружје од армиски стил, а 84% барат национални стандарди за безбедносната проверка на оние кои купуваат оружје. Друга анкета, што ја спроведе Истражувачкиот центар Пју, утврди дека 55% од испитаниците се за забрана на полуавтоматското оружје, а 85% за построга контрола при купувањето.

Њујорк вторникот стана првата сојузна држава што воведе построги мерки за контрола на оружјето по масакрот во Њутаун, воведувајќи забрана за полуавтоматско оружје и налагајќи безбедносна проверка за секој кој сака да купи муниција. Мерките го ограничуваат и капацитетот на муницијата и содржат одредби што спречуваат оружјето да заврши во раце на ментално болни лица.
XS
SM
MD
LG