Линкови за пристапност

Обама повика на нова легислатива за кибернетската безбедност


Твитер-адресата на Американската централна команда по хакерскиот напад на 12-ти јануари 2015-та
Твитер-адресата на Американската централна команда по хакерскиот напад на 12-ти јануари 2015-та

Би го олеснила споделувањето на информации меѓу владата и компании од приватниот сектор

Американскиот претседател Барак Обама повика на нова легислатива за кибернетска безбедност којашто би поттикнала поголемо споделување на информации меѓу владата и приватните компании.

Во вчерашното обраќање во владиниот Национален центар за интеграција на кибернетската безбедност и комуникациите, Обама рече дека во денешни услови понекогаш е премногу тешко да се разменат информации поради правни и кривични аспекти, како и поради загриженоста на компаниите да ги откријат своите ранливости.

Обама вчера го покрена истото прашање за време на средбата со новите водачи на Конгресот којшто сега е под републиканска контрола, претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер и водачот на сенатското мнозинство Мич Меконел. Според американскиот претседател, тие биле согласни дека „ова е закана со којашто треба да се справиме“.

Обама е убеден дека наскоро би можела да се постигне натпартиска легислатива што би ги заштитувала од тужби компаниите коишто ќе споделат информации. Истовремено, таа би обезбедила дека владата ги штити приватноста и граѓанските слободи, дури и кога работи на заштита на информативните мрежи во земјата. Претседателот побара Конгресот целосно и без одлагање да го финансира владиниот Оддел за домашна безбедност, велејќи дека американската национална безбедност „никогаш не треба да биде предмет на партиски политички игри“.

Повикот на претседателот уследи еден ден откако хакери ги нападнаа Твитер и Јутјуб-адресите на армиската Американска централна команда којашто раководи со нападите против милитантите на Исламската држава во Ирак и Сирија. Хакерите наведоа дека се лојални на Исламската држава.

XS
SM
MD
LG