Линкови за пристапност

Обама со новини во политиката спрема Куба


Кубанците кои ќе стапнат на американско тло, нема да можат да добијат виза по автоматизам.

Претседателот Барак Обама соопшти дека по итна постапка ја прекинува политиката со која секој Кубанец којшто ќе стапне на американско тло, може да остане во САД без виза. Обама додаде дека 20-годишната политика била креирана во „поинаква ера“.

„Ќе продолжиме да им посакуваме добредојде на Кубанците, исто како што им посакуваме добредојде на имигрантите од други земји, согласно нашите закони“, истакна Обама.

Тој ова го нарече важен чекор во нормализирање на односите со Куба.

Обама подвлече дека Куба се согласила да ги прими кубанските мигранти коишто доаѓаат во САД без дозвола.

Американскиот претседател додаде дека Одделот за домашна безбедност воедно става крај и на Програмата за условен престој на медицински професионалци од Куба. Со неа, на кубански лекари и медицински персонал кои работат во земја од трет свет, им се дозволува да влезат во САД. Со промените, овие лица сега можат да аплицираат за азил во американски амбасади, исто како и секој странски државјанин.

Оваа политика беше одобрена од поранешниот претседател Бил Клинтон во 1995-та година, кога Кубанците кои морале да се вратат во нивната земја откако се обиделе да избегаат, биле предмет на остар третман и поголема репресија.

XS
SM
MD
LG