За време на последното обраќање пред дипломци додека е на функцијата, претседателот Барак Обама пред кадетите на Американската воздухопловна академија, говореше за неговите животни лекции по прашањата за национална безбедност и надворешната политика изминативе 7 години.
Во Колорадо спрингс, сојузната држава Колорадо, Обама ги повика околу 800-те нови офицери во американското воздухопловство, да не се повлекуваат од ангажманот и лидерството на САД во светот.
„Не можеме да бидеме изолационисти. Тоа не е возможно во овој глобализиран, меѓусебно поврзан свет“, рече тој. Во ова неизвесно време, понекогаш е привлечно да се обидеме да се повлечеме и да ги измиеме рацете од конфликти коишто се чини дека ќе траат, да ги оставиме земјите да се бранат самите“.
Иако не го спомена по име, претседателот алудираше на најверојатниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп, кој меѓу другото повика да се изгради ѕид на америкаско-мексиканската граница и да се евалуира американската определба во НАТО.
„Не може да се повлечеме и да се скриеме. Не може да му се предадеме на изолационизмот. Тоа е погрешен вид на безбедност“, рече Обама.
Тој воедно потсети дека американската армија не може сама да ги реши сите проблеми, подвлекувајќи ја потребата за дипломатија и склучување договори.
„Треба да ги употребиме сите алатки, сите елементи на нашата национална моќ“, истакна претседателот Обама. „Токму така победивме во Студената војна, не само преку силата на оружјето, туку со моќта на нашите идеи, моќта на нашиот пример.
И покрај тоа што ова е најмирната и најнапредна ера во историјата, Обама кажа дека САД се соочуваат со сериозни закани, како терористичките мрежи, организацијата Исламска држава, Русија, спорот во Јужното Кинеско Море, севернокорејските нуклеарни закани и Иран.
Претходно, американскиот лидер ги повика дипломците од Универзитетот Рутгерс да внесат позитивни промени и покрај огромните предизвици.
Раководството на Универзитетот од Њу Џерси со години лобираше Обама да се обрати на 250-та по ред церемонија на врачување на дипломите. Се смета за највисока чест доколку на ваков ден на одреден факултет или академија, свое обраќање има актуелен или поранешен претседател.
Рутгерс е државен универзитет којшто Белата куќа го опиша како „неверојатна институција за високо образование“.
Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, претходно кажа дека претседателот Обама во обраќањето пред студентите ќе говори за светот со којшто генерацијата од 2016-та е подготвена да се соочи. Ернест додаде дека американскиот претседател верува дека студентите на Рутгерс се подготвени како и другите да се справат со предизвиците и да постојаните промени во опкружувањето да ги употребат во создавање на подобро место за живеење.
На 7-ми мај, претседателот Обама имаше говор и пред дипломците на Универзитетот Хауард во Вашингтон, каде доминираат студенти од афро-американско потекло. Тој подвлече дека изминативе три децении има подобрување во расните односи во САД, но дека претстои уште работа.
Сепак, првиот афро-американски претседател призна дека расизмот и нееднаквоста и натаму се присутни, посочувајќи на непропорционалноста во невработеноста, примањата и кривичните постапки.
Обама кажа дека доколку сакаат да видат промени, студентите, не можат да бидат само „месечари низ животот“, туку треба активно да партиципираат во демократскиот систем.