Линкови за пристапност

Обама се соочува со политички предизвици во Вашингтон


Обама се соочува со политички предизвици во Вашингтон
Обама се соочува со политички предизвици во Вашингтон

Американскиот претседател Барак Обама ја почнува втората фаза од претседателството, за која вели дека ќе биде фокусирана на економските прашања, отворањето на работни места и предизвиците во надворешната политика.

Обама по одморот на Хаваите го очекува вжештена партиска атмосфера во Вашингтон каде се соочува со промена на соодносот на силите во Конгресот поради новото републиканско мнозинство во Претставничкиот дом.

Првата седница на 112-от состав на Конгресот почнува во среда. На испит ќе биде легислативниот компромис на Обама со републиканците, но претседателот истовремено ќе се обиде да спречи републиканците да ги стопираат историските реформи во здравствениот систем.

Републиканците од Претставничкиот дом се заложија уште неделава да започнат дебата за усвојување на мерка за укинување на реформата во здравствениот систем, со евентуално гласање на средината од следната недела. Демократите, пак, најавија дека ќе се борат за задржување на клучните придобивки од законот за здравствена заштита.

Говорејќи на телевизискиот канал Фокс Њуз во неделата, конгресменот Фред Уптон, иден републикански претседавач на Комисијата на Претставничкиот дом за енерегија и трговија, сугерираше дека ќе бидат освоени доволен број гласови да се надмине евентуалното вето на претседателот.

Политичките аналитичари сметаат дека дури и да биде усвоена мерката за укинување на легислативата за здравствена заштита, тоа би било во голема мерка претежно симболичен чин. Таа легислатива нема да биде усвоена во Сенатот, каде демократите и независните имаат мнозинство од 53, наспроти 47 републиканци.

Портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс изјави дека републиканците ќе преземат политички ризик ако се обидат да ги укинат општоприфатените аспекти од реформата за здравствена заштита на претседателот Обама за проширување на старосната граница за здравствената заштита за децата, како и за луѓето кои имаат претходни здравствени проблеми.

Претседателот Обама се соочува и со други предизвици во Претставничкиот дом каде мнозинство ќе имаат републиканците. Идниот претседател на Домот, републиканецот Џон Бонер се заложи да го скрати, како што рече, невнимателното владино трошење.

Конгресменот - републиканец од Калифорнија Дарел Иса, кој го презема претседателствувањето со клучното тело за истраги – Комисијата на Претставничкиот дом за контрола и надзор на владините реформи, вети истрага за разни прашања што вклучуваат трошење и учинок.

Обама рече дека не е против елиминирање на владините програми што не функционираат, но оти силно се противи на кратење за инвестициите во образованието и други области кои, како што рече, се неопходни за иднината на економскиот напредок.

Претседателот го почнува вториот дел од мандатот со охрабрувачка ситуација во која американските берзи бележат нагорна линија, но се` уште е фрустриран од високата стапка на невработеност што стои на нивото од 9,8%. Неколку истражувања на јавното мислење, пред Обама да се врати во Вашингтон од одморот на Хаваите, покажаа дека процентот на испитаници кои ја одобруваат неговата работа е околу или под 50%.

Во следните денови и недели, веројатно ќе има вести за измени во персоналот на Белата куќа, меѓу нив и за формалната најава за замена на Лари Сомерс, првиот човек на економскиот совет на претседателот.

Обама исто така ќе го задржи фокусот на клучни прашања од надворешната политика. Покрај војната во Авганистан, Белата куќа одблизу ќе го следи претстојниот референдум на 9-ти јануари во јужен Судан.

Претседателот исто така изрази надеж дека Израел и Палестинците ќе ги надминат пречките и несогласувањата од лани и ќе го придвижат мировниот процес.

XS
SM
MD
LG