Претседателот Барак Обама утре во ударен вечерен термин ќе се обрати до нацијата за планот за повлекување на американските војници од Авганистан, соопшти Белата куќа.
Портпаролот Џеј Карни најави дека Обама ќе објасни како ќе ја примени стратегијата за повлекување што ја објави уште во декември 2009-та.
Секретарот за одбрана Роберт Гејтс денес изјави дека претседателот морал да ја има предвид одржливоста на ситуацијата на домашен терен – и во Конгресот, и меѓу американската јавност, како и условите во Авганистан. Гејтс ја уважи загриженоста во САД во врска со Авганистан, велејќи дека американскиот народ е „заморен од еднодецениската војна“. Тој рече и дека постои „огромна резервираност“ во Конгресот за војната и за обемот на американското учество.
Медиумите пренесуваат претставници на одбраната кои според кои планот на Обама предвидува повлекување на 10.000 војници до крајот на годината, првите 5.000 веднаш, а другите 5.000 до крајот на 2011-та. Во моментов САД имаат распоредено околу 100.000 војници во Авганистан.
Виш претставник на администрацијата потенцира дека претседателот Обама, покрај ова повлекување, ќе говори и за планот за идните повлекувања, се` до 2014-та кога авганистанските сили би преземале целосна контрола во земјата.
Во јавноста во САД владее се` поголемо незадоволство за војната во Авганистан поради бројот на жртви и влијанието на трошоците врз американската економија.