Вашингтон пост објави дека во времето кога Агенцијата за национална безбедност упаднала во онлајн сметки на странски државјани кои легално биле следени за период од четири години, дошла и до разговори на девет пати поголем број обични корисници на Интернет, како од Американци така и од други.
Во извештајот, објавен на веб-страницата на весникот, се вели дека речиси половина од досиејата на следените содржеле имиња, електронски адреси и други детали, кои според Агенцијата им припаѓаат на американски граѓани или луѓе со престојувалиште во земјата.
Големиот број од овие документи на весникот му ги обезбедил поранешниот агенциски аналитичар Едвард Сноуден, кој избега од САД и сега живее во Русија.
Весникот вели дека „имало откритија од значителна разузнавачка вредност“ , вклучувајќи и докази за таен нуклеарен проект во странство, двојна игра на „божемен сојузник“, воена штета направена од непријателска сила и идентитети на агресивни упаѓачи во американски компјутерски мрежи.
Весникот вели дека досиејата покажуваат дека со месеци следените разговори директно довеле до апсењето на Мухамад Тахир Шахзад, пакистански изработувач на бомби, во Аботабад, во 2011-та.
Вашингтон пост вели дека многу од другите досиеја кои аналитичарите на Агенцијата за национална безбедност ги означиле како „некорисни“, сепак биле задржани. Како што пишува весникот, тие имале нагласено интимна природа, па дури и квалитет на воајеризам.
Весникот пишува дека околу 10.000 сопственици на Интернет адреси кои не биле цел на следење, сепак биле регистрирани и чувани.
Официјални претставници во Вашингтон не се огласија со коментар по објавениот извештај.