СКОПЈЕ – За новогодишните празници, граѓаните ќе имаат на располагање околу 600 производи на кои ќе им биде ограничена маржата до 10 отсто во рамките на владината мерка за потрошувачка кошница, соопшти денес министерот за економија, Бесар Друмиши.
При креирањето на листата на производи кои ќе бидат содржани во кошницата покрај министерството за економија учествуваат и Синдикатите како и трговците и производителите.
„Цело време сме во контакт со Стопанските комори, со Синдикатите и со трговците и производителите. Се подготвува, при крај е новогодишната кошница. Предвидени се над 600 производи кои ќе ги опфати оваа мерка, но повеќе детали ќе добиете идната недела. Предвидено е во четврток или петок да ја соопштиме кошницата. Ќе трае еден месец. Кошницата ќе биде сеопфатна, а предложени продукти има и од трговците и од производителите“, кажа министерот Дурмиши.
Кога станува збор за потрошувачката кошница Владата и граѓаните со различни ставови околу резултатите од веќе применетата есенска. За институциите со опиплива заштеда, но во зависноста како се хранеле и каде ги купувале производите, за граѓаните со намалувања на цените во денари кои се бројат на прсти од една рака. И во Владата имаше разногласие околу тоа дали треба да има потрошувачки кошници а министерката за финансии Кочоска и дел од економистите се на ставот дека ваквите кошнички не даваат резултати но и она што е клучно дека институциите немаат капацитет да проверуваат дали се почитуваат.
Факт е дека во периодот кога есенската потрошувачка кошница беше на сила имаше производи кои воопшто не поевтинија а некои минимално а пазарната инспекција регистрираше низа неправилности и манипулации.
На почетокот на декември ќе се знае дали ќе има повеќе пари од законското за минималната плата да достигне 450 евра Во буџетот има пари за законското зголемување но со тоа нема да се достигне оваа сума. Министерот за економија Дурмиши смета дека за повеќе мора да се прашаат и работодавачите и од Владата а негова желба е минималецот да биде 600 евра, но ќе се преговара за 450 евра.
Проценките се дека во март минималната плата ќе се зголеми за 8,5 отсто или околу 1.700 денари што е далеку под очекуваните 450 евра.
Она што е сигурно е дека во март минималната плата ќе се зголеми околу 1.700 денари. За ова пари во буџетот се предвидени, но повторно нема да се достигне бројката од 450 евра, нешто што синдикатите го бараат со месеци.
„Мислам дека на наредната седница, на ЕСС ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме затоа што мораме да се убедуваме за потребите од растот на сите плати вклучително и минималната плата. Главната причина поради кога луѓето заминуваат се ниските плати. Ако вие ги плаќате мизерно тогаш може да очекувате дека тие имаат пари за билет во еден правец, а тоа е надвор од државата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
За висината на покачувањето на минималната плата ќе се зборува на следната седница на Економско социјалниот совет која е закажана за почетокот на идниот месец.