СКОПЈЕ – Втора година по ред по повод 3 мај – Светскиот ден за слобода на медиумите, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) организира крводарителска акција на која новинарите и медиумските работници даруваат крв и со својата хуманост покажуваат дека се обични луѓе, дел од општеството.
По повод 3 мај од домот „Даре Џамбаз“ беше испратена порака дека без слободно новинарство нема слободно општество а без точни и проверени информации нема соодветно информирани граѓани. Правото на слободно изразување и информирање е едно од најважните и најпотребните човекови права и затоа сите чинители во едно општество треба да бидат обединети во одбрана на правото на слободно информирање.
Новинарите и медиумските работници во Северна Македонија работат во тешки услови, ниски плати и изложени се на притисоци и закани, констатираа претставниците на ССНМ и на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
„Можеби овој наш Светски ден случајно е веднаш по 1мај. Над 2.000 медиумски работници во Македонија работат во тешки услови, со ниски плати, постојани притисоци, без соодветна заштита и обука. Потребна е солидарност, потребна е борба за работничките права, бидејќи тие се основа и на слободата на изразување без која новинарството не може соодветно да ја врши својата основна функција на куче чувар на демократијата, но и чувар на правата на граѓаните. Можеби новинарството не ја извршува целосно својата функција – да биде поттикнувач на останатите човекови права, но слободата и правото на слободно изразување не доаѓаат сами, за нив мора да се избориме сите заедно“, изјави Павле Беловски, претседател на ССНМ.
Властите се должни да создадат услови за слободно функционирање на медиумите, за слободно и независно работење на новинарите и медиумските работници.
„Новинарите често работат во небезбедни средини, соочени со цензура, малтретирање, заплашување, па дури и насилство. Слободата на медиумите е тесно поврзана со правото на пристап до информации на граѓаните. Овој ден се залага за слободата на информациите како основно човеково право, клучно за информирано донесување одлуки и функционирањето на една демократија“, рече Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.
Измените во Кривичниот законик на кои се чекаше со години придонесоа новинарите и медиумските работници да имаат статус на службени лица при извршување на своите работни задачи.
„На овие избори, медиумските работници за прв пат имаат статус на службени лица, со измените во Кривичниот закон од 2023 година. Ова значи дека напад на новинар за време на професионално вршење на неговата работа ќе се смета за напад на службено лице и казната затвор е од три месеци до три години во зависност од тежината на делото“, додаде Секуловски.
ССНМ и ЗНМ ја повторија заложбата на Меѓународната федерација на новинари за потребата од усвојување на меѓународен обврзувачки инструмент кој ќе ја засили слободата на медиумите и ќе ги присили властите да ги истражуваат и да одговорат соодветно на нападите врз новинарите и медиумите.
Новинарите и медиумските работници од домот „Даре Џамбаз“ испратија порака за солидарност со сите оние новинари низ целиот свет кои работат во воени услови. Според официјалните податоци во 2023 година известувајќи од терен и извршувајќи ги службените обврски над 120 новинари го загубија својот живот.