Линкови за пристапност

Новинар од Гласот на Америка за Пакистан задржан во притвор, тепан па ослободен


Новинар кој известува за Гласот на Америка за Пакистан беше задржан во притвор во текот на ноќта во пакистанска долина Сват.

Полицијата доцна во средата го уапси Фајаз Зафар и го одведе во окружен затвор под обвинение дека „ја експлоатира слободата на говорот“, вклучително и на социјалните мрежи, според наредбата издадена од канцеларијата на заменик-комесарот во Сват.

Новинарот вели дека полицијата го претепала додека бил во притвор, пред да го ослободи денес.

Зафар изјави за Гласот на Америка дека полицијата го тепала околу 15 минути, користејќи пиштоли и тупаници.

„Ме удираа по главата, грбот, рамената и нозете. Им реков дека сум болен, но не престанаа“, рече Зафар, кој има здравствена состојба.

Новинарот рече дека полицијата употребила и кундаци од пушки удирајќи го неговото возило, кое останало во полициска сопственост.

Зафар беше уапсен според законите од колонијалната ера кои ѝ дозволуваат на полицијата да апси секого што се смета за закана за јавниот ред.

Наредбата за притвор на Зафар, од 30 август, беше издадена според уредбата за јавен ред во Западен Пакистан. Наредбата, која беше прегледана од Гласот на Америка, тврди дека новинарот „ја експлоатира фразата слобода на говор“ и ги користи социјалните медиуми за да шири „лажни, навредливи информации и омраза; да клевети власти и личности од висок профил; и да ја поттикне јавноста против државните институции.

„Тој користи погрешни перцепции преку социјалните мрежи за да стекне популарност“, се вели во наредбата.

Новинарот, кој известува за милитантност, екстремизам и економија во долината Сват, ги негира обвинувањата.

Зафар рече дека властите го притиснале да потпише изјава за да го ограничи неговото известување, но дека тој одбил да го стори тоа.

Обидите на Гласот на Америка да дојде до полицијата и службениците во долината Сват преку телефон и апликација за пораки, за коментар за апсењето не беа успешни.

Пакистанскиот привремен министер за информации Муртаза Соланги рече дека ќе поднесе истрага.

Зафар работи за Гласот на Америка 13 години. Во неодамнешниот извештај од август тој покриваше протест на жителите за порастот на милитантноста и апсењето на активистите кои бараат мир.

Новинарот и претходно добивал застрашувачки пораки и закани поврзани со неговото известување.

Пакистанските новинари го осудија апсењето на Зафар, нарекувајќи го „незаконски притвор“.

Пакистан е земја со мала слобода на медиумите, со тоа што новинарите мора да се движат по црвените линии диктирани од официјалните лица, вели медиумското набљудувачко тело Репортери без граници. Земјата е рангирана на 150 од 180 земји.

XS
SM
MD
LG