Линкови за пристапност

Новата година во Русија и Украина започна со гранатирање од двете страни


Русија и Украина објавија дека извршиле напади во понеделникот, додека двете страни извршиле гранатирање и напади со беспилотни летала.

Шефот на окупираната област Доњецк во источна Украина, инсталиран од Русија, рече дека во гранатирањето во градот Доњецк загинале четири лица, а 13 други се повредени.

Во јужниот дел на Украина, гувернерот Олег Кипер рече дека паѓањето на остатоци од спречениот напад со руски беспилотно летало погодило станбени згради во Одеса, убивајќи едно лице, а ранети биле уште други три лица.

Украинската воздушна одбрана соборила неколку беспилотни летала во регионот Лавов во западна Украина, соопштија тамошните власти.

Генерално, украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека Русија лансирала рекордни 90 беспилотни летала во повеќе бранови, при што украинската противвоздушна одбрана соборила 87 од нив.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во новогодишното обраќање рече дека во 2024 година Русија „ќе го почувствува гневот на нашето домашно производство“, вклучително и „најмалку милион“ украински беспилотни летала.

Тој алудираше на неодамнешниот украински напад на руски брод на Крим, велејќи дека „нашите акции во Црното Море станаа темно поглавје“ во историјата на руската флота.

„И без разлика колку проектили истрела непријателот, без разлика колку гранатирања и напади – гнасни, безмилосни, масивни – непријателот ќе изврши во обид да ги скрши Украинците, да ги заплаши, да ја сруши Украина, ние сепак ќе нема да се откажеме“, рече Зеленски. „Затоа што оној што ќе донесе пекол во нашата земја, еден ден ќе го види од својот прозорец“.

Зеленски рече дека иако Украина не знае со сигурност што ќе донесе новата година, „што и да донесе таа, ние ќе бидеме посилни“.

Во претходно снименото новогодишно обраќање до нацијата, рускиот претседател Владимир Путин го пофали „обединетото општество“ на Русија и истакна дека Русија никогаш нема да отстапи во војната против Украина.

„Она што не обедини и обединува е судбината на татковината, длабокото разбирање на највисокото значење на историската фаза низ која минува Русија“, рече претседателот и ја пофали „солидарноста, милоста и цврстината на руските граѓани“.

Тој, исто така, ги пофали руските вооружени сили вклучени во она што Кремљ го нарече „специјална воена операција“ во Украина.

„Ние сме горди на вас; вие сте херои. Ја чувствувате поддршката од целиот народ“, рече Путин.

Некои материјали за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG