СКОПЈЕ – Мејлови со закани за поставени бомби денес повторно ги испразнија училиштата во неколку града. Станува збор за нов, обемен хибриден напад врз Северна Македонија, бидејќи за само неколку часа пристигнале 240 дојави за поставени бомби за кои по неколку часовна проверка од МВР потврдија дека се лажни.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, повика на смиреност.
„ Нема потреба за паника, граѓаните, и родители и сите наставници во училиштата треба да бидат спокојни. Сите проверки укажаа дека се работи за лажни дојави за бомби. Се работи за повеќе од 240 дојави. Сите припадници на македонската полиција, реагираа совесно, брзо и сталожено без да се крева паника. Пристапија во училиштата, разговараа со директорите на училиштата, извршија проверки таму кај што требаше да извршат проверки. Имаме соодветен протокол и алгоритам по којшто ние постапуваме. Таму каде што параметрите беа позитивни, односно во зелена зона – наставата продолжи, таму каде што имаше одредени параметри во други зони се извршија дополнителни проверки и секаде се работи за лажни дојави“, изјави Јанев.
Јанев соопшти дека почетни информации и траги има, известени се Интерпол и Европол а веќе се комуницира и со полициите во Хрватска и Унгарија кои веќе беа мета на хибридни напади.
Формирани се работни групи во повеќе министерства и дадени се инструкции и протоколи до директорите на училиштата и други државни институции.
Министерката за образование, Весна Јаневсканагласи дека жали што „некој си поигрува со децата“ и побара од вработените и раководствата на училиштата да ги користат исклучиво службените електронски адреси кои се креирани од МОН и да ги следат протоколите на полицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека станува збор за хибриден напад кој очекува да ќе продолжи.
„Тоа се тие напади хибридни напади коишто ќе се случуваат, не е нешто неочекувано ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот ваков тип на напади имаше пред некој ден и во Хрватска претходно во институциите во Унгарија и претпоставувам дека ова ќе биде ќе биде континуитет кај нас, но мислам дека се креира еден протокол. Работната група се состанува односно работи на изготвување на протокол и денеска до крајот на денот ќе стигнат насоките и до училиштата, но и до директорите но и до припадниците на МВР за да имаме непречено одвивање на наставата во овие објекти“ , изјави Мицкоски.
Северна Македонија во 2023 година беше цел на масовен хибриден напад кој траеше со месеци и во тој период беа испратени огромен број на мејлови со закани за поставени бомби. Мета беа училишта, станбени згради, трговски центри, државни институции и министерства.
Во период од јануари до април во 2023 година регистрирани беа над 950 закани за поставени бомби во училишта, државни институции, јавни објекти и станбени комплекси а таргет беа над 720 објекти. Истрагата покажа дека заканите се испратени од 60 различни мејл адреси, од кои речиси сите се од странство, дел од нив закупени во Иран и Русија, а најголем проблем во откривањето беше и сеуште се ВПН мрежите, поради кои се вклучија странски безбедносни агенции но и експерти.