Линкови за пристапност

Странска загриженост за ЛГБТИ лицата во Македонија


Писмо на норвешкиот Хелсиншки комитет, норвешката ЛГБТИ организација ЛЛХ и норвешкиот Амнести интернешенал до македонските власти

„Со претензии да биде вклучена во преговорите за членство во ЕУ, од Македонија се очекува да покаже доследност во исполнувањето на обврските за почитување на човековите права на сите граѓани. Сепак, не можеме да видиме дека земјата презема значителни чекори во насока на решавање на главните предизвици по овие прашања кои беа посочени во Извештајот за напредокот на Македонија: ЛГБТИ лицата се жртви на кривични дела поттикнати од омраза, говор на омраза, хомофобија и трансфобија и отежнати услови за работење на граѓанските организации. Легислативата за заштита од дискриминација не ги вклучува сексуалната ориентација и родовата припадност, а истите не се вклучени ниту во легислативата за кривични дела поттикнати од омраза“ - ова е дел од писмото коешто Норвешкиот Хелсиншки комитет (НХЦ), норвешката ЛГБТИ организација ЛЛХ и норвешкиот Амнести интернешенал го испратија до премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и јавниот обвинител Марко Зврлевски, реагирајќи на физичките напади врз ЛГБТИ популацијата во Македонија.

Наведувајќи дека две лица се повредени по телото и главата во нападот врз кафе-барот ,,Дамар‘‘ во Старата скопска чаршија на 23-ти октомври 2014-та, за време на прославата на двегодишнината од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, норвешкиот Хелсиншки комитет потенцира дека се работи за шести напад врз ЛГБТИ Центарот за поддршка за само две години, дека претходните напади вклучувале навреди, тепања, каменувања и опожарувања, а дека се` досега, соодветна истрага е спроведена само во еден случај, „со што на хомофобичните и трансфобичните сили им се остава впечаток дека кривичните дела поттикнати од омраза кон ЛГБТИ лицата може да поминат неказнето“.

Во писмото до македонските власти стои и дека од 49 земји коишто беа предмет на оценка на Меѓународната асоцијација на геј, лезбејки, бисексуалци, трансексуалци и интерсексуалци за состојбата со ЛГБТИ лицата во Европа во 2014-та година. само Русија, Азербејџан, Ерменија, Монако и Украина беа оценети полошо од Македонија. НХЦ, ЛЛХ и норвешкиот Амнести интернешенал ја повикаа македонската Влада, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и надлежните судови јавно да ги осудат сите акти на насилство, да спроведат соодветна истрага на кривичните дела поттикнати од омраза и соодветно гонење на сторителите.

Минатата недела, граѓански активисти од Македонија го блокираа влезот на Основното јавно обвинителство, револтирани што и по две недели се` уште не е пронајден ниеден од триесеттината напаѓачи во „Дамар“. Од Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата, којашто беше организатор на протестот, истакнаа дека нема да даваат изјави за медиумите во врска со нападот, бидејќи институциите се тие коишто треба да дадат одговори.

По тој протест, јавниот обвинител Зврлевски изјави дека се преземаат дејствија во рамките на оперативните задачи што ги добиле надлежните служби од Јавното обвинителство.

„Колку што знам јас, се работи за настан којшто се случил пред еден месец, и верувам дека за еден месец да се откријат сторителите е преоптимистично и да се каже дека службите не работат. Сигурно дека работат и штом добиеме сознание ние ќе постапиме“, рече Зврлевски.

XS
SM
MD
LG