Линкови за пристапност

Притворениот за маскрот во Норвешка немал соучесници


Притворениот за маскрот во Норвешка немал соучесници
Притворениот за маскрот во Норвешка немал соучесници

Андерс Беринг Брејвик признал дека стои зад нападите во кои загинаа 92 лица, но порекнал кривична одговорност.

Притворениот немал соучесници, соопштија полицијата и адвокатот на Норвежанецот кој призна дека стои зад петочниот бомбашки напад во Осло и последователните убиства во младински камп, и покрај тврдењата на некои сведоци дека виделе и друго лице со оружје.

Според властите, Андерс Беринг Брејвик признал дека ги извршил обата напада во кои загинаа 92 лица, но порекнал секаква кривична одговорност, наведувајќи дека тие, иако ѕверски, биле неопходни.

Вршителот на должноста полициски началник на Осло Свејнунг Спонхејм на прес-конференција изјави дека нема други осомничени за нападите, но дека ќе биде спроведена истрага за се` што кажал Брејвик.

Тој е обвинет за тероризам и ќе се појави пред суд во понеделник.

Неговиот адвокат Геир Липестад саботата изјави дека Брејвик рекол дека е подготвен се` да објасни на судењето. Тој беше уапсен по убиството на најмалку 85 лица во летен камп за младинци на владејачката Лабуристичка партија на островот Утоја и на седум лица во експлозија на автомобил-бомба пред седиштето на норвешката влада во Осло.

Полицијата го опишува 32-годишниот Брејвик како „фундаменталистички христијанин“ со десничарски политички гледишта и наведува дека на Интернет поставувал содржина со анти-муслиманска содржина.

Според медиумските извештаи, бил енергичен противник на мултикултурализмот во Норвешка и пред нападот напишал манифест од 1.500 страници.

Земјоделска кооператива саботата соопшти дека во мај на Брејвик му продала шест тони ѓубриво – продукт што може да се употреби за производство на бомба. Брејвик бил сопственик на фарма за природна храна. Кооперативата вели дека количината на ѓубривото што го купил Брејвик е релативно стандардна за фармата што ја поседувал, но за тоа ги известила властите кога дознала дека е осомничен за нападите.

Медиумите објавија дека бомбата што експлодира пред владата била направена од ѓубриво.

Норвешка се` уште е вџашена од нападите. Премиерот Јенс Столтенберг изјави дека најкрвавото насилство во земјата по Втората светска војна е национална трагедија, ги оцени нападите како кукавички и кажа дека кампот Утоја од рај – станал пекол.

XS
SM
MD
LG