Најмалку две лица загинале, а 15-тина се повредени во силната експлозија во главниот град Осло што петокот го потресе седиштето на Владата на Норвешка.
Од експлозијата се запалило Министерството за нафта во непосредна близина. Скршени се стотици прозорци на зградата од 17 ката каде се наоѓа владиното седиште и во другите објекти во радиус од 400 метри. На ТВ-снимките може да се види како од некои од канцелариите си извива црн чад, а улиците во ова обично тивко соседство се исполнети со остатоци од експлозијата.
Премиерот Јенс Столтенберг и неговиот персонал не биле повредени во експлозијата, соопшти владин портпарол. Столтенберг за норвешката телевизија коментираше дека експлозијата претставува „сериозна ситуација“.
Државниот секретар Ханс Кристијан Амундсен за ББЦ изјави дека во владиното седиште има лица затекнати во урнатините, но не даде детали.
Полицијата во Осло соопшти дека експлозијата се должи на бомба. Пред една од зградите имаше остатоци од автомобил, што укажува на можноста дека се работи за таков вид на бомба.
Сведоци велат дека виделе неколку повредени облеани во крв како излегуваат или биле изнесени од владиното седиште. Дописникот на Ројтерс видел барем осуммина. „Луѓето трчаа во паника“, рече еден од сведоците.
Политичкото насилство во Норвешка е ретко, а особено во Осло, каде се доделува Нобеловата награда за мир. Па сепак, земјата не е имуна на случаи поврзани со исламистички тероризам што се чести во западните земји.