Линкови за пристапност

Се зацврстува сојузништвото на САД и Јужна Кореја


Новиот тест на балистички проектил на Северна Кореја ги приближи позициите на Сеул и Вашингтон

Најновиот тест на интерконтинентална балистичка ракета на Северна Кореја може да значи зацврстување на сојузништвото на САД со партнерите во Источна Азија, каде е забележано се` поголемо затегнување на на односите со регионалните непријатели.

Најзначаен развој на настаните е тоа што се чини дека позицијата на Јужна Кореја сега е во согласност со онаа на Вашингтон – засилување на военото присуство и економските санкции, иако засега владата во Сеул ја отфрла можноста за директно ангажирање со владата на Ким Јонг Ун во Пјонгјанг.

„Тоа би можело да сигнализира пореален и фундаментален пресврт во насока на зајакнување на трилатералната безбедносна соработка меѓу САД, Јужна Кореја и Јапонија“, вели Бонг Јанг-шик, политички аналитичар од Институтот за севернокорејски студии на Универзитетот Јонсеј.

Сепак, експертот Грант Њусхам од Форумот за стратешки студии во Токио, вели дека е премногу рано да се каже дали пресвртот на новата либерална администрација на Јужна Кореја под водство на Мун ќе биде постојан.

Неуспешно ангажирање

По преземањето на функцијата во мај, јужнокорејскиот претседател Мун Џеј-ин се обидува да продолжи со двонасочната политика која го балансира притисокот преку ангажман за олеснување на тензиите и повторно започнување на разговорите со Северна Кореја. Либералниот лидер се обидува да ја заживее политиката од минатото, во која економски напредната Јужна Кореја се обидува да ги подобри односите со осиромашениот северен сосед преку инвестиции и помош.

Меѓутоа, зајакнатите меѓународни санкции оневозможија Сеул да понуди значителни економски стимулации, како и повторно отворање на индустрискиот комплекс Каесонг, во кој беа вработени илјадници Севернокорејци, кој беше затворен веднаш по нуклеарниот тест во 2016-та година.

THAAD

Мун повика на целосно распоредување на системот за противракетна одбрана (THAAD), во спротивност со одлуката од минатата недела за одложување на понатамошната работа на проектот. Системот во моментов е делумно оперативен, и во функција се два од шест оперативни мобилни лансери.

Јужнокорејскиот министер за одбрана изјави дека војската исто така ќе го надгради ракетниот систем „Патриот“.

Санкции

По вториот, наводно успешен тест на Северна Кореја, наскоро се очекува телефонски разговор меѓу претседателите на САД и Јужна Кореја. Експерти за вооружување велат дека проектилите на Северна Кореја можат да стигнат до многу делови од САД.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе денес разговараше со Трамп во врска со најновиот тест на Северна Кореја.

Иако администрацијата на Трамп нагласи дека сите опции се отворени, вклучувајќи и воена акција за прекинување на растечката нуклеарна закана од Северна Кореја, САД се фокусираат на соработката со Кина, клучниот трговски партнер на Северна Кореја, за целосно спроведување на санкциите.

Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, изрази разочараност од одбивањето на Кина да наметне сериозна економска блокада што ќе ја принуди Северна Кореја да побара олеснување, преку постигнување договор. Хејли кажа дека САД нема да побараат итна седница на Советот за безбедност на ОН „ако тоа не донесе никаков резултат“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG