СКОПЈЕ – Неколку часа траат состаноците и консултациите во зградата на Владата по неуспехот во Брисел. Јавноста чека на премиерот и неговот обраќање, а во меѓувреме продолжуваат брифинзите од неговиот кабинет и матична партија. Оттаму велат дека кога ќе има било какви одлуки, за тоа веднаш ќе биде информирана јавноста.
„Премиерот Зоран Заев во текот на денот спроведува интензивни консултации на различни нивоа, имајќи ги предвид заклучоците донесени на Европскиот совет со кои се одложува носењето одлука за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со Европската Унија. Низ текот на консултациите, одлуките се носат исклучиво согласно највисоките интереси на државата и на граѓаните. Штом бидат донесени какви било конечни одлуки, истите веднаш ќе бидат изнесени пред јавноста“, соопштија од кабинетот.
Со премиерот телефонски разговарале повеќе европски лидери вклучувајќи ја канцеларката Меркел и еврокомесарот Хан кои повторно ја истакнале поддршката на премиерот и нашата држава.
„Од сите европски лидери стигна јасна порака со поддршка, за Северна Македонија и граѓаните да продолжат по патот на реформите и интеграциите. Европските лидери оддадоа јасно признание и потврда за сите чекори кои ги презеде Северна Македонија и потенцираа дека земјата и граѓаните беа целосно подготвени за почеток на преговорите, но дека неколку земји на ЕУ не биле подготвени за тоа“, брифираат од Владата.
Премиерот Зоран Заев во текот на денот спроведува интензивни консултации на различни нивоа, велат од Владата.
Засега нема никаква потврда или демант на инфромациите дека премиерот Заев планира да поднесе оставка, нешто што веќе го најави пред почетокот на Европскиот совет.
Први со реакција по неупсехот во Брисел се јавија од најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ. На прес конференцијата лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој вината ја лоцираше исклучиво кај премиерот Заев и неговите политики.
„ Ќе се согласам дека ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт. Тоа е политика без концепт, без визија, со многу криминал, корупција, арамилук, неработа и измами“, рече Мицкоски.
Тој побара предвремени избори и техничка Влада.
„Народот бара и посакува предвремени парламентарни избори, исто како и јас, тоа е единствено логично и посакувано решение за да се надмине кризата и оваа повеќе неодржлива ситуација. Колку и да се противи власта избори ќе дојдат, а со тоа доаѓа и политичкиот крај на Зоран Заев. Во тој меѓу период потребни се реформи.Овие реформи треба да ги спроведе влада, составена од силни индивидуи, со богато лично, стручно портфолио, кој ќе го дадат својот максимум служејќи и` на државата“, нагласи Мицкоски.
И опозициските партии од албанскиот блок, побараа оставка од премиерот Заев и предвремени избори.
За претседателот на „БЕСА“, Билал Касами, веќе имa политичка криза во државата, „неуспесите на Владата се огромни и затоа премиерот Заев мора да се повлече и да се организираат предвремени парламентарни избори“.
„Иако оваа Влада дојде со многу ветувања, таа не остварува скоро ништо и ја испраќа земјата многу чекори назад. Од денес, земјата е во длабока криза, а надминувањето на оваа криза се решава со колективна оставка на оваа Влада и земјата што е можно поскоро да оди на предвремени парламентарни избори“ , изјави Касами.
За лидерот на „Алијанса за Албанците“, Зијадин Сеља, единствен начин да се понесе одговорност е оставка и избори.
„И ние како и граѓаните длабоко сме разочарани, не од ЕУ туку од внатрешните случувања и немањето капацитет на власта да направи реформи. Дојдоа на власт само со ветувањето дека преку правда ќе се гради мир. Ниту правда градевме, ниту мир. Проблемот е што наместо да се соочи со корупцијата и криминалот владата стана дел од корупцијата. Владата наместо да ја избере правдата, прогресот, иднината како земја членка на ЕУ, одбра криминал. Владата треба да плати цена за неуспехот“, рече Сеља.
За разлика од опозицијата, претседателот Стево Пендаровски, во своето обраќање до јавноста побара од граѓаните и јавноста обединување наместо нови поделби. Тој истакна дека Македонија е европска држава и треба да биде членка на Унијата.
„Во овие моменти, најмалку што ни е потребно, е нашето незадоволство да го насочуваме кон одредени земји членки на Унијата и без потреба да ја трошиме енергијата во креирањето на политички тензии.Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат. Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно - ќе успееме“, кажа претседателот.
Со реакција се јавија и министерот Димитров и вицепремиерот Османи.
„Најмалку што Европската Унија му должи на регионот е да биде јасна кон нас. Ако не постои веќе консензус за европската иднина на Западниот Балкан, ако ветувањето од Солун во 2003 повеќе не важи, граѓаните заслужуваат да знаат“, напиша министерот Димитров на „Твитер“.
Тој се заблагодари до лидерите кои застанале зад Македонија и се бореле за ЕУ да отвори пристапни преговори.
„Додека чекаме да се постигне консензус, ние мора да продолжиме да ги браниме вистинските европски вредности дома“, смета Димитров.
Вицепремиерот Бујар Османи пак нагласи дека „денешната неправда“ не смее да нѐ оддалечи од напорите да се продолжи со имплементацијата на реформите, изградбата на добрососедските односи и негувањето на соживотот и мултикултурното општество.Тој потенцираше дека е свесен оти граѓаните деновиве биле под притисок на измешани чувства – исчекување, надеж, немир и тензија.
„Сакам да ве уверам дека на овој пат навистина направивме многу, направивме буквално сѐ што е во наша моќ и тоа ни го признаваа сите, буквално сите политички центри на моќ го признаваат напредокот на земјава. И не е дека овој резултат не беше вреднуван. Стануваме 30-та членка на НАТО – нашата најважна гаранција за стабилна и безбедна иднина. Една земја, чие клучно барање е да се напушти принципот на консензус при одлучувањето, денес го искористи ова право за да не дозволи заокружена одлука за старт на преговорите“ напиша Османи на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Во недела во 17 часот, во „Вила Водно“ ќе се одржи лидерска средба на иницијатива на претседателот Стево Пендаровски. На неа ќе присуствуваат претседателот на СДСМ - Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ - Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ Али Ахмети претседателот на Алијанса за Албанците - Зијадин Сеља, претседателот на Алтернатива - Африм Гаши и претседателот на Движење - Беса Билал Касами