Линкови за пристапност

16 години од смртта на политичарот со голема насмевка и широка прегратка


„Си го сакаше народот, си ја сакаше Македонија, и душата му се корнеше за нашите маки. Му должиме многу, иако тогаш тоа не сите го разбираа“, порача денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров за претседателот Борис Трајковски

По повод 16-те години од авионската несреќа во која загинаа вториот македонски претседател, Борис Трајковски и членовите на неговиот кабинет и на екипажот на авионот што се урна во Босна и Херцеговина, денеска делегација на Владата која ја преводеше министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, а во која беа и министерот за странски инвестиции Елвин Хасан, и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, беше на одбележувањето на годишнината во Мостар.

„Претседателе Трајковски, успеавме! Денес, вашата, мојата, нашата татковина е во НАТО. И тоа е заеднички успех на сите кои силно веруваа во проатлантската амбиција. Во вистинскиот момент, вие бевте еден од најгласните подржувачи на оваа амбиција, носевме тешки одлуки за иднината, на начин како Вие го направивте истото, кога тоа беше најпотребно, свесни дека таквите одлуки се во интерес на иднината, за државата, за нејзините граѓани... Денеска, во Мостар, од Владата присутни сме тројца претставници – Албанец, Македонец и Турчин, кои не само во името на Владата и не само во името на Македонците, Албанците и Турците, туку и во име на сите наши сограѓани, Бошњаци, Власи, Срби, Роми и сите други, му оддаваме почит и се поклонуваме на неговите вредности, визија, храброст и лидерство“, истакна министерот Адеми. .


А министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој во тој период беше советник на Трајковски, денеска истакна дека загинатиот претседател „беше голем човек, и буквално, и како лидер и како морална сила. Имаше и голема насмевка и широка прегратка. Си го сакаше народот, си ја сакаше Македонија, и душата му се корнеше за нашите маки. Му должиме многу, иако тогаш тоа не сите го разбираа. Кога носеше непопуларни одлуки мислеше на идните генерации, а не на идните избори. Денес живееме во мир и одиме напред, затоа што претседателот Трајковски беше таму кога ѝ требаше на својата земја“. Според Димитров, одделни одлуки на Трајковски биле неразбрани и потценувани, но времето покажало оти биле исправни за зацврстувањето на македонската државност.

Трајковски беше избран за претседател на државата на контроверзните претседателски избори 1999 година, но остана запаметен по своите цврсгти заложби за евроатлантските интеграции на Македонија.

Трајковски беше избран за претседател на државата на контроверзните претседателски избори 1999 година и остана запаметен по своите цврсгти заложби за евроатлантските интеграции на Македонија.


По повод одбележувањето на 16-годишнината од загинувањето на Трајковски и на членовите на делегацијата во авионската несреќа крај Мостар, делегации од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска положија цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на гробиштата „Бутел“ во Скопје, и на вечните почивалишта на неговите соработници Димка Илкова - Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје, како и на вечното почивалиште на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес.

Делегација на Владата предводена од министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, положи венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на Градските гробишта Бутел во Скопје, а на споменикот во Струмица, свежо цвеќе положи владина делегација предводена од министерот Горан Сугарески.

Коста Јаневски, градоначалник на родниот град на Трајковски, денеска во Струмица, пред споменикот „Македонија”, подигнат во чест на загинатиот претседател, истакна дека Трајковски го заслужил своето место во македонската историја.

„Ние, струмичаните и понатаму ќе ги одбележуваме годишнините од неговото раѓање и од неговото прерано заминување од овој свет, затоа што тој го сакаше овој град, ја сакаше оваа земја по која сите заедно чекориме, го сакаше Севишниот Господ-Бог и ги сакаше луѓето кои се дел од неговото опкружување. Вториот македонски претседател Борис Трајковски беше наш човек и затоа бевме, сме и ќе останеме горди за вечни времиња“, рече градоначалникот Јаневски, пред присутните членови на семејството Трајковски, граѓани, роднини, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и на здруженија на граѓани.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG