Линкови за пристапност

Миле Јанакиески осомничен за малверзации со државно земјиште тешки 2,5 милиони евра


Неколку месечната истрага на Обвинителството и МВР финишираше утрово со приведување на десетмина осомничени

СКОПЈЕ -Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и десет службеници во министерството, катастарот, како и нотари и правобранител се осомничени за малверзации со државно земјиште со кои Буџетот на државата е оштетен за над 2,5 милиони евра.

Утрово, по налог на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција осомничените се приведени и во моментов се врши распит пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд. Од полицијата соопштија дека еден од осомничените е недостапен, но по него засега не е распишаната потерница.

„Поднесена екривична пријава против 11 лица и тоа: М. Ј. (40), поранешен министер за транспорт и врски, Д. Д. (44), Б.Д.Д. (41), В.С. (51), А. Ј. (36) иД. М. (32) вработени во Министерството за транспорт и врски, Е. Р. (53) -Државен правобранител за подрачје на град Скопје за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавена е иС.К. (54) вработена во Агенција за катастар на недвижности– Скопје за кривично дело „Несовесно работење во службата“, Р.П. (64)и Л.С. (59) нотари од Скопје, за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ како и М. Ј. (51) од Скопје, сопственик и управител на правно лице од Скопје“, соопштија од МВР.

Според првичните инофрмации од истрагата станува збор за неколку парцели државно земјиште кои се дадени на лица кои не ги исполнувале условите, а биле наменети за изградба на хотелски комплекси, како и за „Шпанските скали“ - дел од проектот „Скопје 2014“.

„Во временскиот период од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година осомничените - поранешен министер и петмина службеници подготвиле и потпишале четири Договори за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата. За два од договорите што се однесуваат за земјиште во вкупна површина од 4090 м2, наменето за изградба на хотелски комплекси со вкупна вредност од 20.450.000,00 денари и за земјиште наменето за изградба на објект со комерцијални и деловни намени, со вкупна површина од 1046 м2 во вредност од 97.382.600,00 денари, осомничените не ја следеле реализацијата на наведените Договори и Анекс – Договори и не ги раскинале поради неисполнување на обврските“, соопштија од Обвинителството.

Останатите два договори се однесуваат на државно земјиште од 8.745м2 и парцела од 13.675м2, наменети за изградба на хотелски комплекси. Со истрагата се опфатени и т.н. „Шпански скали“ дел од проектот „Скопје 2014“ чија изградба беше стопирана од администрацијата на актуелниот градоначалник на Општина Центар.

Од обвинителството бараат притвор за шест од осомничените и најавија дека ќе бараат замрзнување на спорниот имот.

„Предлагаме да се замрзнат и да не се отуѓуваат предметните земјишта, како и имотот кој е неосновано стекнат од осомничените лице“, изјави обвинителката Ивана Трајчева.

Од опозциската ВМРО - ДПМНЕ акцијата на МВР и Обвинителството ја оценија како брутален политички напад и хајка врз нивните членови.

„Ова е брутален политички напад. Со акцијата помеѓу другите лишени се од слобода членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски, претседателот на еден од најголемите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, ОК Аеродром, Дејан Митевски, како и други лица. Во оваа акција власта влегува со директна пресметка со членови на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребувајќи и обични службеници.Во акцијата покрај поранешниот министер се приведени и шест жени, обични службенички кои што си ја работат својата работа во катастарот, министерството, кај нотари и во правобранителството“, изјави Александар Николовски, потпретседател на ВМРО - ДПМНЕ.

Распитот на обвинетите во Кривичниот суд сеуште трае.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG