Блерим Река - за јавноста најмалку познат од тројцата кандидати за иден шеф на државата. И пред изборите не беше многу експониран, со исклучок на повремените гостувања на медиумите. И по официјалниот старт на трката, поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, избра да води не многу голема кампања, повеќе фокусирана на средби со граѓаните.
Кој е Блерим Река, кој изненади со слоганот ,,Река за Републиката,, како концепт за сите граѓани?
Во неговата биографија пишува дека е роден Скопјанец кој за неколку седмици ќе наполни 59 години. Соседите во скопската населба Бутел го опишуваат како фер човек кој би бил добар шеф на државата.
И тој, како и Пендаровски и Силјановска - Давкова, е универзитетски професор. Експертиза му е меѓународното право, а во моментот е дел од Универзитетот на Југоисточна Европа.
Но, не е се теорија во професионалниот живот на Река. Во неговата кариера е запишано и дека беше амбасадор на Македонија во ЕУ во периодот 2006/2010, кога земјата меѓу другото доби и препорака за старт на преговори, статус што се уште важи.
Пред почетокот на трката тој најави модерна кампања. ”Во кампањата ќе ги користиме и социјалните медиуми”, рече Река.
Падна и селфи за социјалните мрежи..
Од дипломатот и професор Река до кандидатот Река, подржан од партии со силен етнички предзнак. Трансформацијата се случи брзо.
„Да, да, дојдено е време, па дури сме задоцниле многу. 40 години во комунизам ни кажуваа дека не е време за претседател Албанец, 30 години по комунизмот и натаму ни кажуваат дека не е време за претседател Албанец, па дури овие кои се во тие бараките на неколку метри од тука, велат: потребни ни се уште 20 години за претседател Албанец”, вели тој.
Верува дека ќе се пласира во вториот круг, верува дека етничките Албанци ќе гласаат за него, а не за кандидатот на владејачката коалиција Пендаровски кој е поддржан и од ДУИ.
„Ако Албанците не знаат за кого да гласаат, тогаш се е залудно. Би ги повикал да гласаат со своето срце, да гласаат совесно”, вели Река.
Истовремено очекува и поддршка од македонските избирачи, без кои очекувањата за влез во вториот круг се само празна надеж.
Мојот концепт ќе биде прифатлив за сите, без оглед на националноста, затоа што предлага универзални вредности кои досега недостасуваа во политичкиот живот на сега веќе Северна МакедонијаБлерим Река
Така што, мислам дека граѓаните ќе го поддржат мојот концепт за една подобра Македонија“, вели тој.
Анкетите покажуваат дека Река заостанува зад двоецот Пендаровски-Силјановска, кои важат за фаворити. Сепак гласовите што според истражувањата ќе ги добие професорот од Штуловиот универзитет во првиот круг ќе бидат доволни за да ја направат помала разликата меѓу другите двајца професори-кандидати, а со тоа и поинтересна втората рунда за избор на петтиот претседател на Македонија.
Facebook Forum