Линкови за пристапност

По четири години протести - рудник нема да има


На својата редовна 171 седница, што се одржа во Куманово, Владата донесе Одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини – руди на бакар и злато на локалитетот. Иловица, во Општина Босилово. Причината е што концесионерот не поднел барање со целокупна документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини, во рок од четири години по склучување на договорот.

Со тоа се оствари паролата со која четири години протестираа граѓанските активисти: „Рудник нема да има!“.

Ден пред одржувањето на седницата, активистите повторно упатија отворено писмо до Владата и премиерот Зоран Заев во кое побараа на дневен ред да се најде и да се донесе одлука за „ова горчливо прашање“ и порачаа дека доколку нема таква разврска „граѓаните во југоисточна Македонија ќе бидат силно разочарани и огорчени, што ќе има силна рефлексија во изборниот период“.

„ВМРО-ДПМНЕ е виновно за зачнувањето, а СДСМ за оставањето во живот на истечената рударска концесија која значи бавна и мачна смрт за сите нас!“, порачаа претставниците на невладиниот сектор, кои беа децидни дека Владата веќе нема зошто да чека со одземањето на концесијата.

Пред локаните избори, актуелниот премиер Заев, на дебата изјави дека нема ништо поважно од здравјето на луѓето. Тој рече дека став на владата е да „се престане изградбата на рудници, да престанат сите постапки околу рудниците, бидејќи тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието во Македонија“.

Иницијаторите на одземањето на концесијата, организираа и референдумско изјаснување на граѓаните на Општина Босилово за судбината на рудникот и бројни протести, маршеви и блокади за сочувување на здравата животна средина.

Орхганизацијата Еко Долина, со соопштение им се заблагодари на поддржувачите, во кое стои:

„Победа на заедништвото и сплотеноста на народот, наспроти профитерските интереси на алчните поединци!... Победа на нас, активистите, од сите формални и неформални здруженија, кои не потклекнавме под сите притисоци и предизвици со кои се соочивме, ниту пак се изморивме! ...Ова е победа за сите нас, жителите на сите Струмички села и на градот Струмица, но и победа за цела Македонија! Рудник во Иловица нема да има!“

XS
SM
MD
LG