Линкови за пристапност

Рудникот Иловица нема да работи


Второстепената државна комисија ја потврди одлуката на Министерството за економија - да се одбие барањето на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ за дозвола за експлоатација

„Со голема радост и возбуда ве известуваме дека ‘Рудник на смртта’ во Иловица и Штука – нема да има! Со одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос, решението за одбивање станува правосилно и целосно се отвара патот за конечно одземање на концесијата, според повеќе основи наведени во Законот за минерални суровини. Очекуваме во најбрз временски период, Владата да донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина со концесионерот ‘Еуромакс Ресорсис’... Ова е голема победа за екологијата во Македонија и вонредно значајна за Југоисточниот регион! Ова е светол пример на значајна победа извојувана преку континуиран, цврст отпор и сплотеност на народот и активистите. Им благодариме на сите - за повеќегодишните напори и залагања за да го зачуваме нашиот крај од отрови и хаварии’ се вели во денешното соопштение на активистите од организацијата „Здрава котлина“, една од невладините организации кои со години наназад се бореа за зачувување на животната средина во струмичкиот регион.

„Ова е голема победа за екологијата во Македонија и е вонредно значајна за југоисточниот регион“, ја пренесоа медиумите и изјавата на Костадин Ристоманов, претседател на невладината организација „Еко Долина“, уште една од организациите кои својата активност ја посветија на спречување на работата на „рудниците на смрта“


И покрај ликувањето на еколозите и активистите, сè уште е отворена можноста концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, да поднесе тужба против државата. Медиумите објавија дека концесионерот и официјално потврдил дека го примил решението со кое неговата жалба е одбиена, но дека е премногу рано да ги обелоденат своите идни чекори. Сепак, може да се претпостави дека тужба ќе има, особено поради најавените планови на концесионерот за инвестиции од 340 милиони евра и ветувањата дека при ископувањето на руда ќе се користат сите модерни технологии за заштита на животната средина.

„Ги анализираме деталите изнесени во Решението, како и импликациите кои ќе произлезат од истото. Во овој момент, е многу рано да се произнесеме која ќе биде нашата одлука за понатамошните наши чекори, кои ќе бидат преземени. Поради тоа, не сакаме да даваме дополнителни коментари во врска со ова. Меѓутоа, во догледно време, откако ќе биде донесе конечна одлука, ќе бидете известени за нашите идни чекори“, го пренесе ставот на концесионерот, порталот „Фактор“


Првата концесија, компанијата „Еуромакс Ресурсис“ ја доби пред седум години, а пред истекот на законскиот рок, во 2016-та, достави и барање за дозвола за работа, но Министерството за економија тогаш излезе со став дека концесионерот не ги исполнил условите од Договорот. На седницата на 4 јули 2019, Владата реши да и ја одзeме концесијата на „Еуромакс Рисорсис“ поради недоставување на неопходни документи за експлоатација, според Законот за минерални суровини. Од друга страна, на денешната панел-дискусија „Еднаков пристап на еколошка правда“, Ана Петровска од Министерството за животна средина, потенцирајќи дека и со актуелното законодавство и со Архуската конвенција, македонските граѓани можат да го остварат своето право за здрава околина и бесплатна правна помош, изјави дека „за среќа, имавме ситуација кога не се одобри студија за оцена на влијание за рудникот Иловица. Граѓаните успеаја со сите свои инструменти да обезбедат дека тој рудник нема да се гради“.

На 25 септември, кога истекуваше последниот рок за одлука на Второстепената државната комисија, во период на затвореност на институциите на системот и неможност да се обезбедат информации од официјалните извори, активистот Стојан Влеков, за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека активистите немаат податоци за промени и за евентуален развој на настаните, дека единствено се запознати оти жалбата, според нив, се разгледува и дека „ако не се остварат ветувањата на актуелната власт за одземање на концесијата, која и онака е истечена уште пред три години, загрижените жители од целиот загрозен регион, нема да седат со скрстени раце и да чекаат надлежните само да купуваат време“.

Но, конечно, денес, медиумите објавија потврда и од Министерството за економија дека надлежната комисија уште на петти септември му ја одбила жалбата на концесионерот, за одземање на концесијата - затоа што компанијата не ги доставила сите неопходни документи, согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација, но зошто за тоа навремено не беа информирани граѓаните, досега нема официјална информација.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG