Линкови за пристапност

Трамп вели „ќе се справи“ со Северна Кореја


Северна Кореја соопшти дека успешно тестирала нова балистичка ракета која може да достигне до континенталниот дел на САД. Режимот ја соопшти веста на државната телевизија.

Неколку часа по тестот, американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа изјави дека „САД ќе справат со ситуацијата“ без да даде повеќе детали. Тој сепак додаде дека американскиот пристап кон Северна Кореја не се променил.

Секретарот за одбрана Џим Матис, рече дека проектилот летал подолго и повисоко од претходните севернокорејски ракети. Тој рече дека најновиот тест е дел од напорите на Северна Кореја за создавање проектили кои можат да го загрозат светот, и дека Северна Кореја е опасност за светскиот мир.

Од Унијата на загрижени научници велат дека проектилот има домет со кој може да погоди кој било дел од континенталниот дел на САД, вклучувајќи го и Вашингтон. Но, рекоа дека таков проектил не може да носи нуклеарна боева глава, бидејќи ракетата била премногу тешка.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН и вети дека ќе го заштити јапонскиот народ.

Од Советот за безбедност потврдија дека денес ќе одржат средба.

Трамп по телефон разговарал со Шинзо Абе. Од Белата куќа соопштија дека двајцата лидери се согласиле дека со најновите активности Пјонгјанг ја поткопува сопствената безбедност и државата дополнително се изолира од меѓународната заедница.

Трамп разговарал и со јужнокорејскиот претседател Мун Џеј-ин, пти што била постигната согласност дека ракетните лансирања се сериозна закана не само за Јужна Кореја и САД, туку и за целиот свет.

Британскиот амбасадор во ОН, Метју Рајкрофт најновиот тест го нарече „уште еден невнимателен чин на режимот, со цел развој на ракетните и нуклеарни капацитети, наместо грижа за сопствениот народ“.

Ова беше првиот севернокорејски ракетен тест од септември наваму, откако САД ја вратија Северна Кореја на листата државни спонзори на тероризам.

Најновиот тест се случува во време кога САД и Јужна Кореја се подготвуваат за петдневна заедничка воена вежба која ќе се одржи од 4-ти до 8-ми декември.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG